Пишува: Илја Лин Гладкова
Денес, 20ти ноември, е Меѓународен ден на сеќавање на трансродовите луѓе. Време да оддадеме почит на сите трансродови и небинарни луѓе чии животи се одземени поради анти-транс насилство предизвикано од трансфобија и говор на омраза.
Говорот на омраза кој е особено влијателен во поттикнувањето на насилството врз трансродовите и небинарните луѓе, во последните години е значително засилен преку кампањите на омраза спроведувани од анти-родовите организации.
Од октомври 2022 до септември 2023 свирепо се убиени најмалку 320 трансродови и небинарни луѓе. Реалната бројка е поголема, и за жал, невозможно е да се процени или одреди точно.
Според проектот за Мониторинг на убиства на транс луѓе – ТММ:
Во оваа бројка од 320 насилно одземени животи не се вклучени сите убиства на трасродови и небинарни луѓе во светот. Податоците се однесуваат само на пријавените убиства кои може да се најдат на интернет, и оние кои биле документирани дирекно за ТММ проектот.
Одреден број убиени жртви се непријавени и недокументирани. Значаен проблем и пречка за одредување на вистинскиот број е фактот што родот на многу трансодови и небинрни луѓе кои биле убиени е погрешно идентификуван од полицијата и медиумите.
Уште еден проблем кој го отежнува одредувањето на реалниот број жртви се и јазичните бариери, како различните термини кои се користат за означување на различните родови.
ТРАНС-ЖЕНИТЕ СЕ ГЛАВНАТА МЕТА
94% од убиените се транс-жени. Ова е очекуван исход – говорот на омраза како и анти-родовата пропаганда на омраза е речиси целосно насочена кон транс-жените.
Речиси половина (48%) од жртвите чија професија е позната биле сексуални работници. Многу трансродови луѓе се приморани да ја работат оваа професија, бидејќи најголем број од работодавачите во сите останати професии одбиваат да вработат трансродова личност поради трансфобија.
80% од убиените трансродови и небинарни луѓе се оние кои се засегнати од расизам, додека 45% од жртвите во Европа чија миграциска историја е позната биле мигранти или бегалци.
Сите овие податоци укажуваат на загрижувачки тренд кога станувa збор за интерсекционалноста (пресекот) на мизогинија, расизам, ксенофобија и whorefobia (страв или гадење од и омраза кон сексуалните работници/чки) како испреплетени фактори кои ја хранат трансфобијата и анти-транс насилството.
Најголем број убиени трансродови и небинарни луѓе се млади на возраст од 19 до 25 години. Луѓе кои само што, од деца, станале возрасни, луѓе чиј живот бил свирепо одземен на самиот почеток.
Речиси половина од жртвите биле застрелани, другата половина биле убиени на брутален и грозоморен начин, вклучувајќи задавување, каменување, тепање до смрт, измачување.
Според податоците од проектот за Мониторинг на убиства на транс луѓе, од 2008 година до септември 2022 свирепо се одземени животите на барем 4689 трансродови и небинарни луѓе.
Ова не се само бројки, ова се реални луѓе – пријатели, роднини, партнери, сопружници, родители, деца. Секој од овие 4689 луѓе имале богати и исполнети животи. Животи кои на ниту еден начин не заслужиле да бидат скратени.
ИЗБРИШАНАТА ИСТОРИЈА НА ТРАНСРОДОВИТЕ ЛУЃЕ
Денот на сеќавање на трансродовите луѓе за прв пат е одржан на 28 ноември 1999, во САД, од транс активистките Гвендолин Ен Смит и Пени Еш Мац, една година по грозоморното убиство на Рита Хестер, црна транс-жена чиј убиец никогаш не е пронајден.
Рита не била единствената трансродова жртва таа година, но била почитувана и сакана од семејството и од голем број луѓе, како во самата транс заедница така и во пошироката заедница. Многу луѓе биле револтирани од срамното и понижувачко известување за нејзиното убиство од страна на „Bay Windows“ магазинот за геј и лезбејки, во кој постојано било користено мртвото име (името дадено при раѓање) на Рита и ја нарекувале „кросдресер“ (маж во женска облека).
За транс активистите ова било врвот на долгогодишниот потценувачки третман на транс луѓето во геј движењето за права. Рики Вилчинс, небинарна личност, транс активист, за „The Advocate“ вели: „Кога е убиен геј маж, стрејт и квир медиумите и Кампањата за човекови права зборуваат само за тоа – освен ако се испостави дека тој маж носел женска облека. Таа приказна е премолчена“
Гвендолин Ен Смит, разговарајќи со транс пријатели за смртта на Рита забележала дека никој не се сеќава на убиството на друга транс-жена, Шанел Пикет. Иако судскиот процес за убиството на Шанел се одвивал само три месеци по убиството на Рита, и добил публицитет бидејќи обвинетиот се извлекол и поминал само со осуда за напад, но не и убиство, откако приредил успешна одбрана преку предизвикување на „транс паника“. Погодена од ова загубено сеќавање Гвендолин Ен Смит вели: „Сеќавањето на Рита Хестер и другите илјадници неспомнати убиени транс луѓе е секојдневна битка со неподнослива тага, додека ние живите се обидуваме да се држиме до секое од нивните имиња.“
Гвендолин Ен Смит ја воспоставила традицијата на церемонијално читање на имињата на убиените трансродови и небинарни луѓе, кон крајот на секоја година.
За жал, денес кога насилството врз трансродовите и небинарни луѓе е попроширено отколку во времето на Рита Хестер, под знак прашање е колку оваа традиција помага навистина да се сеќаваме на одземените трансродови и небинарни животи. Доста вознемирувачки е и фактот што „официјалниот“ Меѓународен ден на сеќавањето на трансродовите луѓе е поместен од 28 на 20 ноември, само за да не го попречува славењето на Денот на благодарноста (празник во САД кој се одвива во периодот од 22 до 28 ноември)
Ова само зборува за потрошноста на животите на трансродовите и небинарните луѓе. Маргинализацијата на родово различните не завршува со смртта, и само една дланка приказни за животот на убиените трансродови и нбинарни луѓе ќе допрат до медиумте и пошироката јавност, со што се брише и нивната историја.
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ ТИ
Биди добар сојузник на трансродовите и небинарните луѓе, поддржи ги оние кои се во процес на транзиција.
Едуцирај се за транс историјата. Трансродовите и небинарните луѓе постојат од кога постои човештвото. Постојат многу историски записи за трансродови и небинарни луѓе, меѓу кои и владетели.
Не заборавај да научиш и за модерната историја, како на пример Стоунвол протестите, започнати токму од транс-жени. Трансродовата историја е богата со примери на издржливост, борба и автентично живеење.
Научи ја разликата помеѓу пол, родов идентитет, родова експресија и сексуалност. Не е толку тешко.
Не заборавај да ги пренесеш знаењата на пријателите и роднините.
Информирај се за предизвиците со кои се соочуваат трансродовите лица.
Не премолчувај трансфобичен и говор на омраза. Исмевањето, навредите и насилството се секојдневие за трансродовите луѓе уште од најрана возраст. Ова мора да запре! Не дозволувај нормализација на јазик кој го овозможува овој третман.
Осигурај се дека јавните женски простори (на пример јавните тоалети) се отворени и безбедни и за транс жени. Феминизмот кој активно ги исклучува транс жените, не е феминизам и не носи ништо добро за цис жените.
Не заборавај, обраќај им се на луѓето онака како што тие сакаат да им се обратиш. Меѓучовечкото почитување никогаш не наштетува, добро е и корисно за сите луѓе.
Поддржи ги и учествувај на настаните кои ги прославуваат трансродовите и небинарните идентитети. Денот на видливоста се одбележува секоја годна на 31 март, излези на Марш за видливост, бидејќи физичката поддршка е важна.
Помогни да се одржи транс историјата. Во склоп со традицијата на читање на имињата на убиените транс и небинарни луѓе, на Меѓународниот ден на сеќавањето на трансродовите луѓе прочитај ги имињата на сите 320 трансродови и небинарни луѓе, жртви на убиство пријавени во годинешниот извештај –
https://transrespect.org/wp-content/uploads/2023/11/TvT_TMM_TDoR2023_Namelist.pdf
Оддади почит на убиените трансродови и небинарни луѓе со слоганот:
Почивајте во моќ!