Транзицијата е процес на усогласување на внатрешните и надворешните родови карактеристики со своето изразување, кој им помага на трансродовите луѓе да го изразат нивниот родов идентитет до одреден степен, за што самите одлучуваат. Медицинското потврдување на родот, пак, претставува усогласување на внатрешните и надворешните родови карактеристики со родовиот идентитет со помош на хормонска терапија и хируршки интервенции. Процесот на транзиција за секого е различен може да вклучува: психо-социјална поддршка, хормонска терапија, хируршки интервенции или комбинација од повеќе интервенции и третмани.
Но, трансродовите лица во нашата земја се соочуваат со нееднаквости во пристапот до здравствена грижа. Покрај стигмата и дискриминацијата кои ги трпат од страна на здравствените работници, тие имаат и ограничен пристап до услуги што им се потребни во нивното секојдневие. Трансродовите лица кои се одлучуваат да започнат со процес на медицинско потврдување на родот се соочуваат со уште поголеми препреки, предизвикани од недостатокот од информации за основните чекори за добивање на хормонска терапија, но и недостатокот од квалитетна хормонска терапија, малиот број на медицински кадар запознаен со потребите и проблемите на трансродовите лица и недостапноста на операции за медицинско потврдување на родот. Токму поради ова, трансродовите лица честопати лутаат низ лавиринтите на здравствениот систем кога сакаат да пристапат кон процесот за започнување со хормонска терапија. Најчестите прашања што тие ги поставуваат се: „Во која болница да отидам?“, „Кој лекар да го посетам?“ и „Дали хормоните се на товар на Фондот за здравствено осигурување на државата?“.
Затоа, ги објаснуваме етапите за пристап до хормонска терапија…
Пред започнување на процесот со примање на хормонска терапија, трансродовите лица треба прво да се обратат кај психолог и психијатар, од кои по неколку одржани сесии ќе добијат наод и мислење, со кои треба да се обратат кај нивните матични лекари. Доколку некое лице нема матичен лекар, ТрансФормА нуди помош во изборот на таков лекар. Потоа, од матичниот доктор, лицето треба да побара упат за интернист кој трансродовите жени ги реупатува на ендокринолог, а трансродовите мажи на ендокринолог и на гинеколошки преглед. Ендокринологот потоа ги упатува пациентите да направат крвна и генетска анализа и да проверат хормонален статус. По завршувањето на овие испитувања и добивањето на резултатите, ендокринологот изготвува извештај со препишана хормонска терапија, која матичниот лекар ја препишува на рецепта.
За помош или консултација ТрансФормА стои на располагање и е достапна на електронската пошта transformamk@gmail.com, на Фејсбук и на .
Што е трансродовост?
Полот е збир од телесни и генитални полови карактеристики, како и секундарни полови карактеристики. Полот се впишува при раѓањето како биолошка одредница според видливата анатомија.
Родот е социолошка и културна манифестација на идентитет воспоставен од општествена идеја за поимање на што значи да се биде маж, жена, ниту едно или мешавина од двете. Родовиот идентитет е манифестација на сопствениот род преку внатрешно чувство за себе или со други зборови лична родова идентификација. Родовиот идентитет не е видлив за останатите. Родовото изразување е начинот на кој луѓето го изразуваат родовиот идентитет преку името, заменките, облеката, однесувањето но и останатите родови карактеристики.
Родот може, но и не мора секогаш да се совпаѓа со пол од раѓање и постои независно од него. Кога полот и родот се совпаѓаат станува збор за цис-родовост и се работи за цис-роодово лице. Доколку на кој било начин родот и полот не се совпаѓаат станува збор за трансродовост и за трансродово лице. Трансродовоста е сеопфатен термин и за: трансродово лице чиј родов идентитет не се совпаѓа со полот впишан при раѓање како и за лица кои родово се изразуваат на различен начин со полот впишан при раѓање.
Правното признавање на родот преставува процес во кој трансродовите лица официјално прават промена на личните податоци што упатуваат на родова одредница во нивните лични документи. Овој процес може да вклучува повеќе правни постапки како промена на името и презимето, промена на ознаката за пол или матичниот број во документите за лична идентификација.
Социјална транзиција
Дел од чекорите кои може да ги направите во процесот на транзиција се однесуваат на процеси поврзани со околината во која живеете, работите и се изразувате. Овие чекори може да вклучуваат споделување со семејството, пријателите и колегите, користењето на избраното име и обраќање со соодветниот род.
Медицинско потврдување на родот
На секое трансродово лице што сака да почне со процес на транзиција со медицинско потврдување на родот му е потребен медицински тим, составен од матичен лекар, психијатар, психолог, интернист, специјалист, гинеколог и ендокринолог. Овој тим треба да биде сензитивизиран за работа со трансродови лица, но и запознаен со клучните потреби и проблеми со кои се соочува трансродовата заедница.
Е.Д.
Фотографијата е на Daniel Liévano, а е преземена од TheGreats.co