„Зошто стрејт луѓето немаат парада?“

„Зошто стрејт луѓето немаат парада?“

Секоја година, кога се приближува Парадата на гордоста, повторно се појавуваат истите прашања:
„А зошто нема парада за стрејт луѓето?“
„Зошто само ЛГБТИ+ заедницата маршира?“
„Зошто тие имаат право да слават, а ние не?“

Иако овие прашања на прв поглед можат да звучат логично, зад нив стои сериозно недоразбирање за целта на Прајдот. Па, зошто навистина нема стрејт парада?

Затоа што стрејт луѓето секој ден можат да покажуваат љубов без страв

Хетеросексуалните луѓе можат слободно да се бакнуваат на улица, да се држат за рака, да објавуваат фотографии од својата врска без да се прашуваат дали ќе бидат нападнати или исмејани. За нив, љубовта е призната како „нормална“ – таа е видлива во филмови, реклами, училишта, книги, семејства. Тоа е привилегија која често се зема здраво за готово.

Затоа што никој не се обидува да им го забрани бракот

Ниту едно политичко или религиозно движење не се организира за да го спречи правото на брак за хетеросексуалните парови. Ниту една петиција, ниту една уставна промена не е наменета за да им се ускрати тоа право. За разлика од тоа, ЛГБТИ+ луѓето низ светот се соочуваат со активни обиди за поништување на нивните семејни, љубовни и човекови врски.

Затоа што никој не ги напаѓа затоа што се стрејт

Никој не ги следи по улица со цел да ги навреди или тепа затоа што се хетеросексуални. Никој не ги убива затоа што сакаат личност од спротивен пол. Во многу земји, ЛГБТИ+ луѓето живеат со страв – страв дека нивната љубов ќе ги чини живот.

Затоа што никој не ги казнува за нежност

Хетеро паровите не се опоменувани во ресторани затоа што се бакнале. Не се исфрлени од училишта затоа што признале кого сакаат. Не биле тепани во парк затоа што се држеле за рака. Но многу ЛГБТИ+ луѓе го доживеале токму тоа – и уште полошо.

Затоа што никој не ги избркал од дома или работа затоа што се стрејт

ЛГБТИ+ луѓето и денес се соочуваат со отфрлање од семејството, откази од работа, па дури и бескуќништво – само поради тоа што се тоа што се. Стрејт луѓето не мораат да објаснуваат или кријат делови од својот живот за да преживеат. Тие се прифатени – автоматски.

Затоа што нивните човекови права не се доведени во прашање

Сите права што ги имаат хетеросексуалните луѓе – правото на љубов, брак, родителство, приватност, безбедност, достоинство – им се гарантирани. Тие не мораат да маршираат за да постојат. Нивниот идентитет не е политички ризик, ниту општествена опасност.

Парадата на гордоста не е „привилегија“ – таа е борба

Прајдот не е за да се чувствуваме „посебно“. Тој е за да кажеме: „Постои место и за нас. И нема да не снема.“

Парадата е простор каде што конечно можеме да дишеме слободно. Да се држиме за рака без да се плашиме. Да бидеме гласни таму каде што сме биле замолчувани. Да бидеме горди таму каде што сме биле посрамувани.

Хетеросексуалните луѓе немаат парада затоа што не им е потребна. Затоа што живеат реалност за која ние сè уште се бориме. И ќе се бориме – се додека не бидеме еднакви.

Фотофрафија: Ванчо Џамбаски