Се сеќавам како мојата постара сестра става касета во видеоплеерот, 7-годишната јас стојам до неа и возбудено тупкам со нозете. На Македонската телевизија почнува да се емитува Евровизија, сестра ми го притиска копчето rec. „Сигурно ли притисна? Снимаме ли? Снимаме ли?“ ја прашувам возбудено, а таа исто така возбудена ми потврдува и сепак проверува дали свети црвената сијаличка која означува дека видеоплеерот снима.
Сѐ уште ја чувам касетата на која ја снимавме Евровизијатa што се одржа во 1998 година, кога победи Дана Интернешнл со нејзината песна „Дива“. Се сеќавам дека уживав во песната на Дана, но додека таа пееше, моите родители коментираа нешто зборувајќи тивко, можеби за ширината на нејзините раменици.
Се сеќавам дека денoвите по нејзината победа во некој весник пишуваше дека Дана е „маж“, слушнав како некој коментира – „си го отсекол пенисот“, а и по првпат го слушнав зборот „транссексуалец“. Низ годините читав други сензационалистички приказни за луѓето како Дана, кои сите ги дочекуваа со потсмев, секогаш коментирајќи за нивните гениталии и шпекулирајќи за нивниот сексуален живот, небаре овие луѓе служат за да се задоволи дневната потреба за вчудовидување, маскотите на рубриката „верувале или не“. Ништо повеќе за животите на транс-луѓето не допираше до очите и ушите на јавноста, а со тоа и до моите очи и уши.
27 години откако првпат го слушнав зборот „транс“, а две години откако се аутирав како небинарно лице, зборувам со Лила Милиќ – активистка за трансродови права и движечка сила зад „ТрансФормА“ – првата и единствена иницијатива која се залага за правата на трансродовите луѓе во Република Северна Македонија. Лила има добри вести – како дел од моите заложби за „ТрансФормА“ ја имам честа да пишувам текст за историјата на транс-движењето во нашата земја. Текст предвиден за првото издание на транс-магазин, простор во кој ќе можеме сами да зборуваме за нашите не толку сензационални животи и не толку страшните ликови за кои предупредуваат оние кои „се плашат од родот“.
Прифаќајќи го овој предизвик и самата всушност учествувам во некаков почеток кој нужно ме става во позиција на кусоглед раскажувач. Сепак оваа кусогледост има своја предност, а тоа е можноста да зборувам со самите протагонисти на оваа приказна и да прераскажам барем мал дел од нивните искуства.
Tранс-група
Годината е 2011, поминати се 21 година од денот кога Светската здравствена организација ја тргна хомосексуалноста од листата на ментални нарушувања, поминати се 15 години од декриминализацијата на хомосексуалноста во Република Македонија, 7 години од оформувањето на Македонската асоцијација за слободна сексуална ориентација (МАССО) и 6 години од јавното излегување на Кочо Андоносвки како гејмаж, со што македонската јавност првпат се соочи со фактот дека и геј-мажите, всушност, постојат. Сепак, во 2011 година трансродовоста сé уште се наоѓа на листата на ментални растројства, а зборот „транс“ се појавува само повремено, ако и воопшто, во медиумите, како дел од рубриките „верувале или не“, често со наслови „МАЖ СТАНАЛ ЖЕНА“, под што следува текст во кој се зборува за генталии, хируршки зафати и сексуалниот живот на трансродовите луѓе во странство. Сето ова придонесува кон општество во кое трансродовите луѓе се невидливи, а нивното постоење е предмет на дискусија.
Анонимен активист, присетувајќи се на овој период, вели: „Кога започнав со активизам, во нашава држава немаше буквално ништо. Граѓаните немаа никакво знаење, на темата воопшто не се зборуваше, немаше никакви публикации и извори на информации, немаше заинтересирани медицински професионалци, немаше заедница, немаше видливост. Пустина, би рекол.“
Тој заедно со неколкумина трансродови луѓе во 2011 оформува неформална „транс-група“ за која вели: „во транс-заедницата чувството на припадност, поддршка и разбирање е пресудно за личниот и колективниот успех. Транс-групата имаше цел да го обезбеди токму ова, варијаблите кои недостасуваат за транс-луѓето да се охрабрат и да се впуштат во животот со целата своја сила, за да живеат рамо до рамо со останатите сограѓани. Заедништвото беше клучно.
На првите средби на транс-групата учествуваат не повеќе од 5-6 луѓе, а целта на средбите е да се мапираат потребите на заедницата, да се споделат информации и да се пружи меѓусебна поддршка. „Во групата имаше и луѓе од други градови, од различни етнички заедници, разнолика и динамична комбинација. Се одржуваа интерни сесии во форма на групи за самоподдршка, секој можеше да се искаже и да добие совет, а паралелно се споделуваа информации и за процесите за промена на документите и медицинските процедури.“ – вели лице кое присуствувало на првите средби.
Неколку години по оформувањето на транс-групата, членовите преку лични контакти, поврзувајќи се со активисти за правата на геј-мажите и лезбијките, како и граѓански организации, оформуваат сојузништво со кое започнува ново поглавје за транс-активизмот во нашата земја.
Видливост
Во 2018 од транс-групата се оформува „ТрансФормА“ – самостојна иницијатива преку која трансродовите луѓе ги спроведуваат првите самостојни проекти, меѓу кои и првиот Марш за видливост на трансродовите луѓе во 2019 година, по иницијатива на Лила Милиќ. Претходно активистка за правата на сексуалните работници/работнички, Лила се приклучува кон транс-активизмот во 2017 и за многу краток период придонесува за развојот на движењето.
Со самото излегување јавно како трансродова жена и учествотo во бројни интервјуа и во неколку изложби отворени за јавноста, Лила придонесува за видливоста и влева храброст на сите околу неа, па оттука и успешноста на првиот Марш за видливост на трансродовите луѓе, за кој таа вели:
„Вкупно 30 трансродови лица учествуваа на маршот, без страв дека ќе се изложат јавно. Поворката траеше околу еден час низ улиците на Скопје и заврши пред вратите на Управата за водење матична евиденција за да пренесеме многу јасна порака дека сме тука, ние постоиме и имаме право на достоинство, прифаќање и разбирање, како и сите други граѓани во земјата.“
Сепак активизмот на Лила не почнува со нејзиното приклучување кон транс-групата и излегувањето во јавност како транс-жена, туку во периодот кога таа се бори да ја добие медицинската грижа за приспособување на родот, кога во нашата земја сè уште е недостапна. За овој процес таа раскажува:
„Кога започнав со медицинското приспособување на родот, почнав интензивно да барам доктори кои ја познаваат проблематиката. Пронаоѓањето психолог не беше лесно и тоа беше првата пречка со која се соочив. Втората пречка беше непознавањето на проблемите на трансродовите лица од страна на ендокринолог, на кој требаше буквално да му испраќам статии, како и прирачници за работа со трансродови лица, за да може да се едуцира, па ние да можеме да имаме некаков бенефит.“
Благодарение на личните борби на трансродовите луѓе со системот, водени далеку од очите на јавноста, денес во Скопје постои неформална мрежа на медицински професионалци кај кои трансродовите лица можат да се обратат без дискриминација. Па ова е потсетник дека и оние кои ја немаат можноста да излезат јавно можат значајно да придонесат кон унапредувањето на правата на трансродовите луѓе, а токму ваков е примерот на анонимниот херој – лицето Икс, чија истрајност ќе направи тектонски поместувања.
Лицето Икс
Само што се вратив дома, со новиот извод во торбата, со милион мисли во главата. […] Што е следно, сега кога опциите се отворени? Сакам да почнам од секаде! […] Какви огласи за работа има денес, кога конечно не се плашам дека ако аплицирам, ќе ме одбијат поради документите? Девет и пол години. Како понатаму, во свет во кој времето не се враќа, ама со убави моменти барем малку се надоместува? – Лицето Икс
Без документи кои го одразуваат родовиот идентитет, мапата на градот изгледа поинаку. Онаму каде што цисродовиот граѓанин минува непречено, трансродовите луѓе наидуваат на препреки. Потсмев, потпрашување, посрамотување пред полните чекалници во медицинските ординации, проблеми при изнајмување живеалиште, барање работа, услуги во банка, пошта, на факултет: трансродовите луѓе без усогласени податоци со нивниот род во личните документи се оневозможени да функционираат во сите сфери на општествениот живот.
Во 2012 година во Македонија не постои можност за медицинско приспособување на родот, па како многу од трансродовите лица, така и Икс е принуден да оди во Белград за да ги добие документите за започнување хормонска терапија. По една година од започнувањето на терапијата, Икс го менува името, но неговите документи содржат податоци за пол кој не соодветствува ниту со неговиот изглед ниту со името. Икс се упатува до Управата за водење матична евиденција со барање да се променат назнаката за пол и матичен број во склад со неговиот родов идентитет. Неговото барање е одбиено. Тука започнува борбата со институциите која трае една деценија, а Икс оваа борба го чини сѐ:
Го поднесувате барањето за промена на името. Ве гледаат чудно. Ве препрашуваат. Се кикотат. По неколку недели конечно е одобрено. Службеникот кој треба да ви го даде, со саркастичен тон прашува: ’Ама зошто сакаш да го смениш?‘ Гледате само да излезете од објектот. Се обидувате да живеете нормално, ама секојдневие ви се караници и закани, а на голем дел од пријателите им пречи ова и не можете да им се јавите за поддршка. Големи се шансите дека сте сосема сами. Се подготвувате да поднесете барање за промена на ознаката за пол (буквата) во документите. Го гледаат барањето на шалтер, ве гледаат вас, го гледаат барањето. Поминуваат месец дена, администрацијата молчи. Ургенција. Одбиено барање. Второстепена постапка. Поминува време. Ургенција. Одбиено барање. Управен суд. Враќање на повторно одлучување. Пак истото, уште еднаш. Поминуваат месеци, се претвораат во години, чекате, страда вашето ментално здравје, страда и вашето физичко здравје, а страв ви е да отидете на лекар затоа што никој не сака да ве услужи. Никој не сака да ве вработи со неусогласени документи. Оставени сте сами на себе, без достоинство. Најтешкиот период во мојот живот. Поминуваат години и веќе не знаете колку пати сте го поминале горенаведениот циклус. Заглавени сте без работа, во импровизирани животни услови без потпишан договор за закуп, без здравствена заштита и без вистинска поддршка од кого било. Сакавте само да ги промените документите, а изгубивте сѐ на тој пат.“ – Лицето Икс
Причината за лимбо-ситуацијата во која Икс е оставен девет и пол години е недостатокот на јасна законска рамка која би обезбедила брза процедура за трансродовите луѓе да ги променат назнаките во документите без притоа да бидат оставени на волјата на институциите и на нивите произволни одлуки.
Во 2019 случајот на Икс се сели пред Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), каде што по борбата која бара натчовечка издржливост и упорност од Икс и адвокатка Наташа Бошкова, конечно е донесена пресуда во полза на Икс. Пресудата налага веднаш да се променат податоците во документите на Икс индивидуално, а Република Македонија е обврзана да донесе јасна законска рамка која би им овозможила брза постапка на сите трансродови луѓе во земјата да ги променат назнаките во документите.
5 години по пресудата на ЕСЧП, под притисок на локални антиродови групи, Република Северна Македонија сè уште ја нема направено законската измена на која судот во Стразбур ја обврза.
Лицето Икс, сведочејќи го овој регрес на неговата макотрпно извојувана победа, вели:
„Судот не е испочитуван, законот не е донесен, заедницата не добива достоинство и притисокот ќе продолжи. Во моментов повеќе луѓе чекаат за промена на документите пред македонските институции. Порано или подоцна сите тие ќе ги исполнат законските услови за поднесување апликација пред Европскиот суд во Стразбур. Државата ќе ги изгуби и тие случаи како што загуби во мојот случај. Околностите се исти.“ вели Икс, кој додава дека и покрај отпорот кој многу трансродови луѓе ги чини години живеејќи живот во неподносливи околности, промените евентуално ќе се случат – неизбежно е.
За делот кој не го напишав
Зборувајќи со луѓето кои учествувале во почетоците на транс-движењето кај нас, пишувајќи го овој текст, полека се помирив дека во оваа пригода приказната ќе остане недокажана. Но, за една приказна да може да биде соодветно раскажана потребно е да постои желба таа да се слушне со отворено срце.
Денес, покрај зголемената видливост на трансродовите луѓе, општеството сè уште нема слух за нашите приказни. Во медиумските прилози за транс-луѓето сé уште доминираат сензационализмот и дезинформациите, а тука е и говорот на омраза кон секој еден кој ќе проговори. Голем дел од луѓето кои учествувале во почетоците на активизмот во нашата земја се принудени да останат анонимни и да кријат делови од себе за да останат безбедни, па така и јас во овој текст морав да изоставам многу важни детали.
Знаејќи дека го лишувам читателот од дел од приказните кои вредат милиони, се прашувам што сè има изгубено светот потиснувајќи ги транс-гласовите во тишина, осaкатувајќи ги нашите приказни во обидот да избрише една од нијансите на тоа што значи да се биде човек.
Рефлектирајќи врз моето збунувачко искуство со сензационалистичките написи околу родот на Дана Интернешнл пред 27 години, размислувам колку време надвор од темнината на „плакарот“ ќе ми се заштедеше ако на Дана ѝ беше оставен простор да говори искрено и отворено за своето искуство. Дали уште тогаш ќе препознаев дел од себе во нејзините зборови?
А кој не би препознал барем мал дел од себе во овие приказни, само кога би сакал да ги слушне.
Пишува: Каи Гладкова
Текстот е објавен во Транзин – Магазин за историјата, идентитетите и искуствата на транс-луѓето, кој можете да го преземете тука.