Во очи на претстојните летни Олимписки игри во Париз, покрај вжештување на воздухот, се вжештува и така жешката дебата околу транс жените во спортот. Иако транс спортистките се натпреваруваат во женска категорија уште од 1976 година, дебатата околу нивното учество во спортот е нова, лансирана од антиродовите групи кои шират морална паника за наводна физичка надмоќ на транс жените над цис жените.
Уште од 2005 година постојат бројни студии кои покажуваат дека транс жените немаат никаква физичка предност над цис жените, за жал овие факти досега некако беа игнорирани. Но кога студијата е финансирана од звучно име како Интернационалниот олимписки комитет, неизбежно е фактите да стигнат и до мејнстрим медиумите и да почнат да го менуваат текот на дебатата.
Она што се покажа во студијата е дека транс спортистките, всушност се во неповолна физичка позиција отколку цис спортистките:
- Транс спортистките имаат помала сила во долниот дел од телото од цис спортистките
- Транс спортистките имаат послаба белодробна функција од цис спортистките
- Транс спортистките имаат иста густина на коски како и цис спортистките, што значи дека имаат и споредлива мускулна сила
- Помеѓу транс и цис спортистките нема значајни разлики ниту во хемоглобинскиот профил, кој има особено значајна улога во перформансот во професионалниот спорт
- Транс жените, слично како и цис жените имаат поголем процент на масно ткиво, помалку чиста мускулна маса и послаб стисок од цис мажите.
Дали резултатите од студијата конечно ќе стават крај на предрасудите во широката јавност за транс спортистките, ќе покаже само времето. Сепак многу позначајно е дали спортските асоцијации и комитети ќе ја испочитуваат препораката од студијата да не се носат забрани за учество на транс жените во спортот, поради претпазливост базирана на неосновани претпоставки кои се косат со доказите од релевантните истражувања специфични за спортот.
Пишува: Илја Лин Гладкова