Денес го одбележуваме Интернационалниот ден против хомофобија, бифобија и трансфобија – IDAHOBIT. Ден посветен на подигање на свесноста за насилството, стигмата и дискриминацијата насочени кон ЛГБТИК+ луѓето.
Концептот на Интернационалениот ден против хомофобијата, како што бил првично наречен е воспоставен од Луис-Џорџ Тин на 17ти Мај 2005. Датумот го избрал наменски, како комеморација на денот кога Светската здравствена организација одлучила да ја отстрани хомосексуалноста од листата на ментални болести, 17ти Мај 1990 година. Луис-Џорџ Тин вели дека овој ден е значаен поради три причини: „Прво – овој ден е позитивен, тоа е победа. Второ – денот е интернационален. И трето – велам дека треба и за трансродовите луѓе да го направиме она што е направено за лезбејките и геј луѓето“
Целта на иницијативата е да го поддржи изворниот, грас-рут активизам кој произлегува спонтано од самите припадници на ЛГБТИК+ заедницата, како и да помогне во поврзување на поединците активисти и организациите за правата на ЛГБТИК+ луѓето со цел да се создадат можности за преземање акции и отворање на дијалог со медиумите, креaторите на политики, јавноста и општеството во целост.
Иако во самото име се наведени само три проблеми, денот е нашироко препознаен како иницијатива за унапредување на правата на луѓето со различна сексуална ориентација, родов идентитет и експресија, и полови карактеристики. Ваквата инклузивност овозможува различни групи луѓе, преку разновидни активности здружено да се борат против омразата и насилството кон ЛГБТИК+ луѓето.
Денес омразата и насилството кон ЛГБТИК+ луѓето се шират како шумски пожар, а ефектите врз нивните животи се стравотни, особено кога се работи за младите луѓе. Според најновиот извештај од Европската агенција за основни права (FRA), иако постои мал и многу бавен напредок во толеранцијата и прифаќањето на ЛГБТИК+ луѓето, сепак булингот, насилството и вознемирувањето се на многу високо ниво, како и стравот кај ЛГБТИК+ луѓето од сериозни последици предизвикани од откривање на сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Според извештајот за Македонија од FRA од 14ти Мај 2024:
63% од испитаниците биле мета на вознемирување.
Речиси 70%, додека посетувале училиште, биле мета на булинг, исмејување, задевање, навреди и закани поради нивната припадност на ЛГБТИК+.
74% од испитаниците се плашат да се држат за рака со своите истополови партнери, додека 63% од малолетните ЛГБТИК+ ученици ги кријат сексуалната ориентација и родовиот идентитет во училиште.
„Речиси цел живот трпев булинг затоа што сум геј и се однесувам малку женствено. Поради тоа никогаш немав пријатели во основно и средно училиште. Многу луѓе ме исмејуваат затоа што сум геј“ вели 19 годишно геј момче.
Од друга страна поддршката и заштитата од околината и институциите е на многу ниско ниво, па така:
Само 22% од ЛГБТИК+ малолетните ученици изјавиле дека добиле заштита и поддршка од некој во училиштето
60% од малолетните ЛГБТИК+ ученици се пожалиле дека во училиштата воопшто не се разговара за ЛГБТИК+ прашања кои дирекнто ги засегаат
Дури 86% од испитаниците сметаат дека државата не презема ништо во борбата против предрасудите и нетолеранцијата кон ЛГБТИК+ луѓето
„Секој кој е ЛГБТИК+ се плаши од дискриминација. Некои се кријат, што е дел од проблемот. Има многу проблеми, а малку луѓе кои пружаат поддршка“ 27 годишна пансексуална жена.
Порастот на нетолеранција и предрасуди како и на насилство, кој го сведочат 47% и 37% од испитаниците, коинцидира со појавата на анти-родовите групи од пред околу 5 години. Овие групи се познати по ширење на говор на омраза, исмевање и дехуманизација на ЛГБТИК+ луѓето, како иио строго фокусирана и особено агресивна пропаганда против трансродовите луѓе, особено кон трансродовите тинејџери.
Сето ова носи сериозни последици по благосостојбата и квалитетот на живот на ЛГБТИК+ луѓето во нашата земја. Како главна мета на омраза, исмејување, насилство и дискриминација, повеќе од очекувано е дека менталното здравје на ЛГБТИК+ луѓето ќе страда. Воопшто не помага и фактот што над 30% биле жртви на конверзиона терапија, насилна пракса чија цел е да ја промени сексуалната ориентација или родовиот идентитет, докажано опасна, штетна и целосно неуспешна пракса.
Поразителна е бројката од речиси 20% од испитаниците, кои често или постојано размислуваат за самоубиство.
Еден од испитаниците 17 годишен геј ученик вели „Како квир, геј ученик се чувствувам неразбран, осамен и изолиран“
Друг 17 годишен геј тинејџер ги опишува ефектите од булингот врз неговото ментално здравје – „Бев понижуван од многу тинејџери и врсници од моето одделение последнава година што предизвика сериозно нарушување на моето ментално здравје што пак ме предизвика да размислувам и да се обидам да си го одземам животот, моите најблиски пријатели ми пружија голема поддршка, да не беа тие не знам како сé уште ќе стоев“
Бројките отсликуваат мрачна состојба. Кога општеството негува негативни ставови кон ЛГБТИК+ луѓето, кога јавните личности, политичарите и политичките партии јавно застапуваат и поддржуваат пропаганда и идеологија која ги отуѓува и оцрнува ЛГБТИК+ луѓето ситуацијата ќе станува полоша.
Сепак тоа не значи дека не постои начин нештата да се подобрат. Извештајот на FRA од 2023 година покажува дека дискриминацијата се намалува онаму каде отворено се дискутира за ЛГБТИК+ правата и еднаквоста. Дискриминацијата се намалува и со позитивни промени во законите и политиките. Предрасудите, нетолеранцијата и насилството се намалуваат со зголемување на видливоста на ЛГБТИК+ луѓето. Поддршката од јавните личности, локалните лидери и граѓанското општество е особено важен фактор во сузбивањето на омразата и насилството кон ЛГБТИК+ луѓето.
Во духот на инклузивноста на Интернационалниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, секој поединец, без разлика дали сте дел од ЛГБТИК+ заедницата или не, може да преземете активности против дискриминација, омраза и насилство.
Не бидете пасивен набљудувач. Ако сведочите говор на омраза, исмејување, дехуманизација и оцрнување на ЛГБТИК+ луѓе спротивставете се и јасно покажете дека ова е неприфатливо во достоинствено и праведно општество.
Поддржете ги иницијативите од ЛГБТИК+ поединци и организации. Одбијте да дадете поддршка на иницијативи за ускратување на правата на ЛГБТИК+ луѓето.
Откријте ја и прифатете ја сопствената општествена привилегија, која ја уживате како цисродова хетеросексуална личност. Разберете дека вие секојдневно и слободно можете да размените нежности со вашиот партнер од различен пол во јавност, додека ЛГБТИК+ луѓето се плашат да го направат истото со партнер од ист пол. Непречено можете да основате семејство, додека ЛГБТИК+ луѓето не го уживаат тоа право. Додека вие можете слободно да ја изразувате вашата женственост или мажественост ЛГБТИК+ луѓето се осудувани и исмевани за изразување на сопствениот родов идентитет.
Покажете отворено и искрено дека ги прифаќате и поддржувате ЛГБТИК+ луѓето.
Борете се за луѓето од вашето опкружување, борете се за вашите сограѓани.
Борбата за еднаквост, слобода и правда за ЛГБТИК+ луѓето е борба за еднаквост, слобода и правда за сите.
Автор: Илја Лин Гладкова