Нова правна дефиниција на „жена“ во Британија: Закана за правата на транс лицата

Нова правна дефиниција на „жена“ во Британија: Закана за правата на транс лицата

На 16 април 2025 година, Врховниот суд на Обединетото Кралство донесе пресуда која ја дефинира жената исклучиво како лице родено биолошки женско, според Законот за еднаквост од 2010 година.

Оваа одлука ги исклучува трансродовите жени – дури и оние со Сертификат за признавање на родот (GRC) – од пристап до простори и услуги наменети за жени, како што се болнички оддели, затвори и спортски клубови. 

Овој преседан предизвика длабока загриженост кај ЛГБТИК+ заедницата и организациите за човекови права, кои предупредуваат на сериозни последици за правата и безбедноста на транс лицата. Иако трансродовите луѓе формално остануваат заштитени од дискриминација врз основа на родова промена, пристапот до женски простори сега се темели исклучиво на биолошкиот пол.

Нашиот глас на солидарност:

Како иницијатива предводена од транс лица, изразуваме длабока загриженост поради оваа пресуда која директно ја поткопува правната и општествената признатост на транс жените.

Оваа одлука не само што ја негира реалноста на нашите идентитети, туку ја загрозува нашата безбедност, слобода и достоинство.

Ние, како транс заедница, не отстапуваме од нашата борба за признавање, почит и еднаквост во сите сфери на животот. Се залагаме за инклузивни и праведни политики што ќе обезбедат еднакви можности и заштита за сите – без оглед на родовиот идентитет.

Ја препознаваме оваа пресуда како само еден од многуте предизвици што ни претстојат. Но исто така знаеме: заедно можеме да направиме промена.

Придружете ни се. Вашата поддршка е клучна за создавање свет во кој сите сме слободни да бидеме тоа што сме.

ТрансФормА