Новиот извештај на TGEU алармира: Правата на транс луѓето во Европа историски под најсилен удар

Новиот извештај на TGEU алармира: Правата на транс луѓето во Европа историски под најсилен удар

Од Лондон до Тбилиси, 2025 година бележи драматичен пад на човековите права за транс луѓето во Европа и Централна Азија, покажува новиот извештај на TGEU (Transgender Europe).

Во годишниот Индекс на права на транс луѓето, TGEU предупредува дека основните слободи и правни заштити се укинуваат со загрижувачка брзина, особено кај трнс луѓето кои се маргинализирани и по други основи – раса, класа, попреченост, миграциски или ХИВ статус. Според податоците, за првпат во 13-годишната историја на индексот, повеќе права се одземени отколку што се добиени.

Репресија и назадување

Во Грузија, правната промена на родот е целосно забранета, а транс-здравствената заштита е криминализирана. Истовремено, од законите за недискриминација се избришани термините „род“, „родов идентитет“ и „родов израз“, оставајќи ги транс луѓето незаштитени од дискриминација и насилство. Во Унгарија, новите уставни измени отворено ги исклучуваат небинарните луѓе, прогласувајќи дека лицата можат да бидат само мажи или жени.

Во Босна и Херцеговина, поточно во Република Српска, се укинати заштитите против говор на омраза и злосторства од омраза. Велика Британија, некогаш лидер во еднаквоста, сега според TGEU има Врховен суд, премиер и тело за еднаквост кои делуваат во согласност со анти-транс реториката. Одлуката на судот со која се дефинира жената во контекст на антидискриминацискиот закон сериозно ја поткопува правната сигурност за транс луѓето и ја зголемува нивната исклученост од болници, јавни тоалети и засолништа.

Слаби искри на напредок

Иако ретки, позитивни поместувања сепак постојат. Германија минатата година го усвои законот за самоопределување, иако новата конзервативна влада најави ревизија со можни ограничувања. На европско ниво, Судот на правдата на ЕУ донесе три важни пресуди:

  • Промената на правниот род мора да биде достапна без понижувачки барања (случај Deldits од Унгарија);
  • Земјите-членки на ЕУ мора да ги признаваат меѓусебно своите одлуки за правна промена на родот (случај Mirin од Романија);
  • Почесни обраќања како „г-дин“ и „г-ѓа“ смеат да се користат само кога е неопходно, што е значајна заштита за небинарните лица (случај Mousse од Франција).

Но, и самиот европски суд е под напад од десничарски и нелиберални сили кои целат кон разградување на граѓанското општество и правната заштита.

Европа на крстопат

Според истражувачката на TGEU, Фреја Ваткинс, податоците потврдуваат дека 2025 година е година на „историски ниско ниво на напредок и историски високо ниво на стагнација“, со двојно повеќе назадување отколку напредок. Таа додава дека ова не се само статистики, туку одлуки со реални последици по безбедноста и животите на луѓето.

Политичкото движење наназад не е само прашање на транс права, туку и на идентитетот и суверенитетот на самата Европа, предупредува организацијата. Употребата на транс телата како политичка алатка го поткопува самиот темел на ЕУ: човекови права, достоинство и солидарност.

TGEU повикува на итно обновување и зајакнување на стратегијата на ЕУ за ЛГБТИК+ права, со јасно вклучување на родовиот идентитет и родовиот израз, особено за маргинализирани групи – транс луѓе, бегалци, лица со попреченост.

Апели за акција

Ричард Келер, советник во TGEU, вели: „Десет години по ‘транс точката на пресврт’, Европа е на многу темен крстопат. Ова е тест не само за транс луѓето, туку и за демократијата како целина.“

Извршната директорка на TGEU, Јманија Браун, додава: „Не може да се запре нападот врз правата со молк или повлекување. Само движење напред може да ја одбрани еднаквоста. Достоинството не е избор. Еднаквоста не е преговарачка. А слободата — не е привилегија само за некои.“

Извор: Trans Rights Index & Map 2025 – TGEU