Почина 16 годишно дете со небинарен родов идентитет како резултат на анти-транс насилство во училишниот тоалет

Почина 16 годишно дете со небинарен родов идентитет како резултат на анти-транс насилство во училишниот тоалет

„Некс беше одличен ученик, сакаше да црта, чита, да игра Ark и Minecraft и беше многу посветен/а* на своето маче Зевс […] бев многу горда на Некс.“- зборува за Independent Су Бенедикт, бабата на Некс Бенедикт, во спомен на своето дете кое на 7-ми Февруари 2024 година беше претепано до смрт. 

Според изјавата на Полицијата од Оклахома, на 7 Февруари 16 годишниот/та Некс Бенедикт се здобива со сериозни повреди на главата, како последица на „физичка пресметка“ со три повозрасни девојчиња во тоалетот на средното училиште Овасо.

Су Бенедикт, која беше старател на Некс, раскажува дека дента била повикана од училиштето и била бесна кога дознала дека училиштето не повикало ниту брза помош ниту полиција, иако главата и грбот на Некс биле покриени во модринки и гребаници од тепачката, наместо грижа Некс добил/ла суспензија од две недели. Таа и Некс веднаш отишле во медицинскиот центар Бејли во Овасо каде што побарале лекување и разговарале со полициски службеник. По прегледот биле пуштени да си одат. Следниот ден, 8-ми Февруари, спремајќи се да одат во Тулса, Некс колабира во дневната соба и прекинува да дише пред да стигне брзата помош.

На овој трагичен настан му претходи булинг кој траел најмалку 1 година, а станал појак во учебната 2023-та, само неколку месеци од кога гувернерот на Оклахома, Калвин Стит, го одобри предлог-законот со кој учениците во државните училишта се обврзани да го користат тоалетот според назнаката за пол во изводот на родени.  

Су Бенедикт кажува дека секогаш била отворена со своите деца и ги поддржувала да бидат тоа што се. За Некс кажува дека го охрабрувала своето дете да биде над оние кои го малтретираат, додава дека не била свесна колку лошо станало ова малтретирање. 

Групи за ЛГБТИК активизам ја поврзуваат смртта на Некс со говорот на омраза од страна на лидерите на државата и профилот Libs of TikTok кој го води ултраконзервативната инфлуенсерка Чаја Рајчик.

Рајчик е поранешен агент за недвижности која се стекан со слава помеѓу конзервативците со нејзиниот профил Libs of TikTok, на кој објавува анти-транс видеа во кои ги таргетираат наставниците и библиотекарите во јавните училишта. 

Во 2022 година, професор во средното училиште Овасо на кој Некс се восхитуваше,  поднесе оставка откако се најде во една од објавите на Рајчик. Во април 2022, наставникот Тајлер Врин, беше прикажан во тајно снимено видео на Libs of TikTok, во кое им кажува на учениците: „Ако вашите родители не ве прифаќаат како тоа што сте – одј***те ги“. 

Су Бенедикт раскажува дека Некс бил/а лут/а поради ова, додава дека наставниците кои поддржуваат разговор на темите поврзани со родот не пормовираат сексуални содржини, туку им дозволуваат на учениците да бидат свои.

Freedom Oklahoma – група за ЛГБТИК застапување, по смртта на Некс, ги обвини пратениците од Оклахома и Чаја Рајчик за промовирањ биготрија и нетолеранција кон трансродовите ученици, кажуваат дека “Рајчик продолжува да постира содржини кои поттикнуваат закани и ја загрозуваат безбедноста на децата.”

Во Авгст 2023, на профилот Libs of TikTok, Чаја Рајчик објави видео во кое критикува школски библиотекар од Тулса, по кое следеа неколку последователни дојави за бомби во областа на училиштето. Според неодамнешно истражување на  NBC News, aнти-ЛГБТИК постовите на Рајчик се поврзани со околу триесет закани кон училишта, библиотеки, болници и бизниси во 16 држави во САД.

Минатиот месец, републиканскиот министер за образование на Оклахома, Рајан Волтерс, ја назначи Чаја Рајичик за советник во законодавниот комитет на Државните библиотеки. Волтерс не коментираше јавно за смртта на Некс, a на  Денот на претседателот – 19-ти Февруари, објави видео на платформата X во кое ги осудува „радикалните woke професори од колеџите“ дека го ставиле Доналд Трамп на дното на листата на најголеми претседатели на САД. 

Погребот на Некс е одржан на 15 Февруари во погребната служба Мовери.  За трошоците за погребот страната GoFundme собра 28.000 долари од кои поголемиот дел Су Бенедикт изјави ќе донира на ЛГБТК анти-булинг организации. 

„Некс имаше светлина во себе која беше толку голема, имаше толку многу соништа. Сакам светлината на Некс да продолжи да свети за сите. Таа светлина беше толку силна, светла и прекрасна, сакам сите така да се сеќаваат на Некс“ – Су Бенедикт за Independent.

*Во недостатокот на соодветни заменки за небинарни лица во македонскиот јазик, во текстот за Некс се употребува „тој/таа“, преферираните заманки на Некс беа they/them.

Извор: Oklahoma banned trans students from bathrooms. Now a bullied student is dead after a fight, Independent, 20.02.2024