Промена на име и презиме за транс лица

Промена на име и презиме за транс лица

Промената на име и презиме е значаен чекор за многу транс лица – чекор кон афирмација на својот родов идентитет и достоинство. Во Северна Македонија, транс лицата имаат право да го сменат своето име и/или презиме, дури и без правна промена на полот. Оваа постапка, иако административна, има длабоко лично значење.

Кој може да побара промена?

Секое полнолетно лице кое е државјанин на Северна Македонија.

Малолетно лице преку родителите, а доколку е дете со наполнети 10 години со согласност на детето.

Потребни документи

Барањето за промена на личното име се поднесува до подрачната единица на Министерството за внатрешни работи за управни работи според живеалиштето на подносителот.

Во Министерството за внатрешни работи има формулар кој треба да се пополни со основните податоци и тоа: 

Постоечкото име и презиме

Името и презимето кое сакате да го користите во иднина

Имиња на родителите

Адреса на живеење и други податоци за контакт

Кон барањето се доставуваат следните докази:

– доказ за идентитет на подносителот (важечка лична карта или патна исправа);

– уплатница за уредно наплатена административна такса во износ од 300.00 денари или со платежна картичка директно на шалтерот каде се поднесува барањето;

– согласност од малолетно дете за кое се бара промена на личното име доколку истото има наполнето 10 години;

– уредно полномошно доколку барањето за промена на личното име е поднесено преку полномошник;

– ако барањето за промена на личното име се однесува на малолетно дете барањето се поднесува од страна на двајцата родители, освен во случај на отсуство односно спреченост на едниот родител, кога може да се приложи изјава заверена на нотар или во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство.

Документи кои треба да се достават, односно кои МВР ги обезбедува по службена должност:

– препис од Матична книга на родени заради обезбедување точни податоци односно споредување со евиденцијата на матичен број на подносителот на барањето (по службена должност).

– уверение односно известување од надлежен суд дека за подносителот на барањето не се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност;

– уверение односно известување од надлежен центар за социјални работи дека подносителот на барањето ги има регулирано имотно-правни и други законски обврски што произлегуваат од брачниот однос и од односот на родители и деца кон лица кои живеат во Република Северна Македонија (по службена должност).

Колку трае процесот?

МВР има 30 дена да донесе одлука.

Ако не добиете одговор, можете да поднесете ургенција со барање за одлука по вашето барање.

Откако ќе заврши постапката, МВР донесува решение со кое го одобрува вашето барање и ја врши промената на името и/или презимето.

Доколку МВР го одбие барањето, имате право на жалба во рок од 15 дена од приемот на решението. 

Што потоа?

По добивањето на решението, во рок од 30 дена треба да ги замените следниве документи:

Лична карта

Пасош

Возачка дозвола (ако имате)

Податоците во Фондот за здравствено осигурување, УЈП, банки, образование итн.

Важно: Користење на стар пасош по промена на името може да резултира со казна (од 50 до 250 €).

Нудиме поддршка

Ако ти треба помош во процесот – не си сам/а. Тимот на TрансФормА нуди:

Бесплатно правно советување

Помош при пополнување документи

Контактирај нѐ

Имате прашање? Ви треба поддршка? Слободно можете да не контатирате на следната адреса: transformamk@gmail.com или на нашите социјални мрежи:

1. Facebook – https://shorturl.at/q18qB 

2. Instagram – https://shorturl.at/dDgkq 

 Често поставувани прашања (FAQ)

1. Дали можам да го сменам само името, а да не го менувам полот во матичен број?

Да. Промената на име е независна од промената на матичниот број и не бара медицинска или правна потврда за родовиот идентитет.

2. Дали треба да наведам конкретна причина во барањето?

Доволно е да наведете дека се работи за лични причини. Не мора да откривате детали од вашиот живот.

3. Колку пати можам да го сменам името?

Нема ограничување, но честите барања можат да предизвикаат дополнителни прашања од страна на институциите.

4. Дали може да бидам одбиен/а?

МВР може да одбие ако не се исполнети законските услови (на пример, ако имате активна кривична постапка), но не и само поради тоа што сте транс лице.

5. Дали може некој друг да дознае дека сум го сменил/а името?

Процесот не е јавно објавен. Доколку не го споделите вие, промената не станува јавно достапна, освен во личните документи.

Напиша: Љ.Ф.