Реакција на ТрансФормA: Данок за невенчани парови е напад врз личните слободи и еднаквоста

Реакција на ТрансФормA: Данок за невенчани парови е напад врз личните слободи и еднаквоста

Изјавите на премиерот Мицкоски за воведување посебен данок за граѓани коишто не се во формален брак не се само скандалозни, туку претставуваат директен напад врз личните слободи, еднаквоста и основните човекови права.

Овој предлог е длабоко дискриминаторски и ги игнорира реалните околности во кои живеат илјадници луѓе во нашата држава.

Во Северна Македонија, многу граѓани немаат можност или не сакаат да влезат во формален брак – дали затоа што се припадници на ЛГБТИ+ заедницата и законски немаат пристап до таа институција, дали поради економска несигурност, или едноставно затоа што нивната љубов и партнерство не сакаат да ги сведат на бирократски обрасци.

Наместо правно да го признае родот и различностите и да работи на создавање општество во кое секој човек ќе може достоинствено да живее, Владата испраќа порака дека љубовта и партнерството се валидни само ако одговараат на тесен, хетеронормативен и патријархален модел.

Вакви мерки дополнително ги продлабочуваат економската и социјалната нееднаквост и го засилуваат притисокот врз ранливите заедници.

ТрансФормА смета дека вистинските приоритети на државата треба да бидат:

  • Промовирање родова еднаквост и заштита од насилство врз жените и другите маргинализирани групи;
  • Создавање можности за економска независност и достоинствен живот за сите граѓани;
  •  Законско регулирање и признавање на различните форми на партнерски заедници, вклучително и на заедниците на ЛГБТИ+ лицата;
  • Развивање политики што го почитуваат личниот избор, различноста и разновидноста на семејните модели.

Бракот мора да биде слободна и лична одлука – не инструмент за финансиска контрола или политичко наметнување морални стандарди.

Ги повикуваме институциите да престанат да ја користат економската несигурност како средство за контролирање на телата и животите на луѓето. Љубовта не смее да се оданочува. Бракот не е морална обврска, туку личен избор. А човековите права и достоинството не смеат да зависат од тоа кого сакаме или каква заедница градиме.