Почитувани,
Со овој јавен допис ја изразуваме нашата загриженост и разочараност од одлуката на Деканатот на Медицинскиот факултет во последен момент да ја откаже дискусијата за аспектите на медицинските услуги и грижа во процесите на потврдување на родот на трансродовите и родово различните лица – „Патот на Транзицирањето“, наменета за студентите на медицина. Оваа одлука беше резултат на паниката, омразата, манипулациите и хистеријата којашто ја ширеа неколку анти-демократски и дискриминаторски индивидуалци, групи и коалиции, познати како анти-родови движења. Разочарани сме, и во шок и неверување, од јавно споделеното соопштение на Македонската медицинска студентска асоцијација, со кое, идните доктори, наместо да застанат во одбрана на научниот интегритет и професионалните стандарди и независност, го оправдуваат откажувањето на дебатата и се извинуваат за неа.
Ги потсетуваме Деканатот и Медицинската студентска асоцијација на Стандардите на Светската асоцијација на професионалци за трансродово здравје (WPATH), сега во својата 8-ма верзија (SOC8 – Страндарди за грижа 8), коешто е најважното упатство засновано на докази за обезбедување на здравствена заштита на трансродовите и родово различните луѓе. SOC8 се заснова на најдобрата достапна наука со придонес од преку 100 глобални медицински професионалци и експерти, и претставува насоки за најдобра практика за обезбедување здравствена заштита што потврдува родот. Интервенциите кои го потврдуваат родот се засноваат на децениско клиничко искуство и истражување и не се сметаат за експериментални. Сите поголеми медицински здруженија вклучувајќи го и WPATH го поддржаа обезбедувањето на грижата и медицинските услуги што го потврдува родот за трансрдовите лица како медицински неопходна грижа.
Глобалните соработници на SOC-8 учествуваа во ригорозна дебата и методологија користејќи го процесот на Делфи (Delphi process) за да ги ратификуваат упатствата за грижа засновани на наука и докази. Професионалците, групите, организациите, политичарите, лекарите и законодавството кои се обидуваат да го забранат или ограничат пристапот до нега, вклучително и образованието и споделувањето на информации со студентите на медицина, се во директна спротивност со децениските истражувања и бројните студии кои ги промовираат огромните ментални и физички здравствени придобивки од грижата што го потврдува родот за трансродовите лица. Ова особено важи за анти-родовите движења во Северна Македонија, движења кои се засноваат на и поттикнуваат фашистички, авторитарни и анти-демократски страсти и политики, со цел да го избришат симболичкото, социјалното, политичкото, и реалното постоење на трансродовите лица и ЛГБ лицата, да ги подријат политиките и принципите на родова еднаквост и репродуктивна правда, и да ги фиксираат улогите на жените согласно патријархалната логика и доминација.
Покрај тоа што јавно шират говор на омраза и поттикнуваат насилство врз, и онака, ранливите популации, овие коалиции и здруженија профитираат на сметка на реалните стравови, несигурности и анксиозности на граѓаните чиишто услови на живеење се сериозно подриени од различни социо-политички и економски фактори и политички елити, лажно претставувајќи ги маргинализираните групи како извор на стравот и прекарните услови на живот. Тие шират паника преку лажни вести и манипулирана статистика, погрешни извештаи и нецелосни податоци, и го спречуваат обезбедувањето на медицински неопходна нега.
Наспроти овие притисоци, студентите по медицина, докторите, професорите и професионалните здруженија треба да бидат свесни дека медицинските одлуки мора да останат помеѓу давателите на услуги и пациентите и нивните семејства. Како професионалци, како студентите, така и Деканатот на Медицинскиот факултет, треба јавно и пред себе да се изјаснат дали стојат позади медицински професионални стандарди изготвени од експерти, научници и лекари кои се дел од преку 160 медицински, истражувачки, научни центри и институции од целиот свет, или пак ги предаваат своите стандарди и научен интегритет на предрасудите, омразата и насилството, и на манипулациите на целосно нестручни индивидуалци и квази-граѓански здруженија.
Секоја одлука или законодавство и практика што ограничува или забранува пристапот до оваа грижа е против медицинските стандарди за најдобра практика и е осудена од WPATH, од Американската асоцијација на професионалци за трансродово здравје, и од многу други професионални медицински асоцијации. Лажната и лицемерна загриженост за заштита на децата од страна на анти-родовите движења, како што истакна неодамна претседателот на WPATH, д-р Марси Бауерс, „не е за заштита на децата, туку заложба за елиминирање на трансродовите лица на микро и макро ниво. Тоа е тенко прикриен обид да се наметне поимот за родова бинарност“.
Со почит,
Коалиција МАРГИНИ и ТрансФормА