Скопје Прајд 2025: „Ќе (оп)стоиме заедно!“ — Прајд како протест, не како прослава

Скопје Прајд 2025: „Ќе (оп)стоиме заедно!“ — Прајд како протест, не како прослава

На 21 јуни, низ улиците на главниот град се одржа шестата Парада на гордоста — Парадата не беше во духот на прославата, туку на гласен и одлучен отпор. Под слоганот „Ќе (оп)стоиме заедно!“, учесниците маршираа низ Скопје, испраќајќи пораки против општествената неправда, дискриминацијата и политичката негрижа.

Организаторите одлучија годинашниот Прајд да биде исклучиво протест, како одговор на алармантната состојба со човековите права, зголемената омраза и институционалната негрижа.

Главни пораки од протестот:

  • Демографската хистерија и реториката на власта, која го инструментализира раѓањето, додека ги игнорира реалните проблеми;
  • Системското укинување на ЛГБТИК+ инклузивноста во образованието и негрижата за квир младите;
  • Оркестрираните напади врз транс заедницата што шират морална паника и поттикнуваат насилство;
  • Отсуството на солидарност со Палестина и игнорирањето на правото на самоопределување на палестинскиот народ;
  • Сѐ поголемата економска беда – храна како луксуз, а достоинствена плата како утопија;
  • Системската корупција и неказнивоста, кои резултираа со трагедии како пожарот во Кочани, каде што 62 лица ги загубија животите.
VDzambaski

Марш на отпор – Од паркот „Жена борец“ до Владата

Настанот започна со собирање во паркот „Жена борец“, каде што активистот Лео Поповиќ се обрати до присутните:

„По шести пат, се враќаме на улиците во Скопје, за да потсетиме зошто сме тука.
Додека светот гори од војни и климатски колапс, а државата се распаѓа под тежината на сопствената корупција и неспособност, ние – ЛГБТИК+ луѓето – одбиваме да соучествуваме во тоа.
Ниту сме виновни, ниту тивки. Нашето постоење е доказ дека постојат други начини на соживот и отпор. Не нудиме бегство, туку алтернатива. Свет што не се базира на експлоатација, страв и контрола, туку на радикална грижа, солидарност и колективно ослободување.“

Маршот продолжи пред Министерството за образование и наука, каде што родител на трансродово дете ѝ се обрати на министерката Весна Јаневска:

„Весна Јаневска не е обична министерка за образование, таа стана инструмент во рацете на група луѓе кои сонуваат за свет без ЛГБТ луѓе и луѓе со попреченост. Овие луѓе се претставуваат како загрижени родители, а таа вредно работи на остварување на нивниот сон.“


„Не можевте да ги тргнете ЛГБТ децата во ресурсни центри, како што ги отстранувате децата со попреченост, но можевте – и ги препуштивте – на силеџиство од соученици и наставници.
Вашата должност е на ЛГБТ децата и децата со попреченост да им овозможите образование во кое ќе чувствуваат дека припаѓаат, исто како другите деца.“

VDzambaski

Пред Владата, говор одржа Славчо Димитров, кој го потенцираше политичкиот карактер на протестот:

„Одбиваме, и секогаш ќе одбиваме, Парадата на гордоста да биде сведена единствено на мала добра забава која ќе ги задоволи егзибиционистичките потреби на наводно неутрални набљудувачи и учесници. Одбивме да бидеме деполитизирани и сведени на поворка за промоција на корпорациски компании и да шетаме како испразнети, весели машини без глас.“

„Како заедница знаеме што значи институционално и системско изложување на предвремена смрт и насилство. Знаеме што значи систем кој те игнорира, кој те остава да страдаш и кој не те заштитува. Затоа стоиме денеска за 62 изгубени животи во Кочани, како резултат на системска корупција.“

„За оние што уште се во заблуда: ‘Едниот процент’, нашите трансродови сестри и браќа, не се вашиот проблем. Друг е едниот процент што е вашиот проблем. Тоа се богаташите што нѐ цедат, тоа се корумпирани партии и алчни политичари.“

VDzambaski

Глас за Палестина

На крајот, Еди Фрцовски го прочита ставот на иницијативата „Сите за Палестина“ истакнувајќи:

„ Денес нè носи тука гордоста, но и бесот. Акутната свесност за времето во кое живееме. Овој Прајд не е само парада, туку протест. Против хомофобијата и патријархатот, врз кои почива капитализмот – суровиот систем кој живее од нашето страдање. Против империјализмот што ја бомбардира Газа – и во исто време нè прогонува нас, квир луѓето, низ целиот свет.“

„Состојбата во Газа не е „далечен конфликт“. Тоа е ужас, секој ден. Народ под окупација, народ во сиромаштија, народ кој се бори за опстанок. Бомби фрлаат врз деца. Луѓе умираат од глад и жед. Ние мораме да сме гласни и одлучни: живееме во време на геноцид. Тоа е злосторство зад кое стојат најмоќните светски сили – истиот тој Запад кој се преправа дека ја штити и ја застапува нашата квир заедница.“

„Мораме да бидеме јасни:
Нема квир ослободување во систем кој преживува преку империјализам и колонијализам.“

VDzambaski

Наместо еуфорија, солидарност и отпор

Во време на зголемена омраза, политичка негрижа и системско насилство, шестиот Скопје Прајд доби јасен облик – марш на заедништво, солидарност и отпор. Пораката беше едногласна: улиците не се само простор за видливост, туку за борба, сè додека правдата, безбедноста и достоинството не станат реалност за сите.

Фотографја: Ванчо Џамбаски

Целиот фото албум од Скопје Прајд 2025 е достапен тука.