Не е ниту прв, ниту пак последен пат женскиот спорт да биде во фокусот од целосно погрешни причини. Додека успесите на исклучително вештите и надарени мажи спортисти се нешто за восхит и овации, успесите на исклучителнио вештите и надарени жени спортисти се предмет на осуда, мерило за (не)женственоста на спортистките и алатка за дискриминација.
Во моментов главна мета е Иманe Халиф, боксерката од Алжир, која победи против италијанската боксерка Анџела Карини, која пак се откажа од борбата по само 46 секунди. Карини, која сакала да освои медал во чест на својот татко, а поразот покрај физичка и донесе и емоционална болка, по самата борба, во солзи изјави „Никогаш не сум претрпела таков удар, невозможно е да продолжам. Не е на мене да кажам дали е нелегално.Никогаш не ме удриле толку силно. Останува на судијата да пресуди.“
За жал пресудата не остана на олимписките судии, туку се пресели во рацете на анти-родовите организации и активисти кои многу лесно манипулираат со широката јавност, кај која трансфобијата и онака е доста застапена. Лагата дека Имане Халиф е трансродова жена, или родена како машко, се шири како шумски пожар, и покрај сите факти нема знаци на стивнување.
СЕЕЊЕ ЛАГИ
Она врз кое се изгради кампањата од напади против Халиф е нејзината дисквалификација насред Светското првенство во бокс за жени во 2023та година. Дисквалификација за која и по една година нема никакви јасни и транспарентни факти.
На првенството во 2023та година, Меѓународната боксерска асоцијација (МБА) ги дисквалификувала Имане Халиф и Лин Ју-Тинг, бидејќи не задоволиле „одреден“ критериум за подобност. Иако и двете боксерки во претходните години, во текот на целите свои кариери се натпреварувале во женска категорија без никакви контроверзии.
Според записникот од состанокот на МБА, никаде не е наведено ниту за каков тест за подобност станува збор, ниту точниот критериум кој наводно не го задоволиле Халиф и Ју-Тинг. Важно е да се спомне дека ова тестирање било спроведено при крајот на натпреварите, откако спортистките поминале повеќе квалификациони борби. Интересен е и фактот дека, според записникот, и Халиф и Ју-Тинг целосно ги поминале медицинските прегледи и ги задоволиле критериумите од тестирањето за подобност кое било спроведено пред почетокот на натпреварите.
Тогашниот претседател на МБА, Умар Кремлев од Русија, по поразот кој го доживеала неговата сонародничка од Имане Халиф, изјавил дека на генетски тест се покажало дека Халиф и Ју-Тинг имаат XY (машки) хромозоми. Овие резултати никогаш не се објавени ниту потврдени, до денес остануваат само шпекулација.
Во изјавата од МБА од 31 Јули 2024, не се споменува генетско тестирање, се вели дека видот на тестирањето за подобност е информација од доверлив карактер. Не се споменува ни точно кој критериум не бил задоволен од Халиф и Ју-Тинг, но затоа јасно се напоменува дека не се работи за тест на ниво на тестостерон.
Меѓународниот олимписки комитет (МОК), по сите напади упатени кон Халиф, даде изјава дека боксерката ги задоволува сите критериуми за подобност за натпреварување во женска категорија на Олимписките игри во Париз.
Кон ова, од МОК додаваат „Алжирската боксерка е родена како женско, регистрирана е како женско, го живее животот како жена, има женски пасош“
Нејзиниот женски пасош е можеби најцврстиот доказ дека Имане Халиф е цис-родова жена. Таа е родена и живее во Алжир, каде промена на ознаката за пол/род во документите е невозможна.
Кон сето ова се надоврзува и нејзината животна приказна како девојче во рурален Алжир, каде водела макотрпна борба со родовите стереотипи.
ИМАНЕ ХАЛИФ, ИНСПИРАЦИЈА ЗА АЛЖИРСКИТЕ ДЕВОЈЧИЊА
Имане е родена во Алжир во 1999. Пораснала во рурално село во Тиарет, северозападен Алжир, особено конзервативна средина во која девојчињата биле обесхрабрувани да се занимаваат со „машки“ спортови.
И покрај ваквите ставови, Имане сепак се истакнувала во својата дарба за фудбал, кој се смета за „машки спорт“, па момчињата од нејзиното село се чуствувале загрозени од нејзиниот талент и често била мета на булинг и тепање. Токму нејзините природни рефлекси и талент кои и овозможувале успешно да ги избегнува ударите од момчињата се причината поради која почнала да се интересира за бокс.
Нејзиниот строго конзервативен татко не и дозволувал да тренира бокс, бидејќи била девојче. Па затоа со помош на нејзината мајка продавале старо железо, за да соберат пари за да може да оди да тренира бокс во соседното село.
По три години интензивни тренинзи, на 19 годишна возраст, Имане завршува на 17то место на Светскиот шампионат во бокс за жени во 2018 година во Њу Делхи, а следната година го претставува Алжир на Светскиот шампионат во Русија каде завршува на 33то место.
Имане во интервју за УНИЦЕФ вели „Почнав од ништо, сега имам се. Моите родители доаѓаат да ме поддржуваат. Тие ми се најголемите фанови. Многу родители не ги разбираат придобивките од спортот, и како го подобрува не само физичкото туку и менталното здравје.“
Таа сонува да освои златен медал, со што би покажала на родителите колку многу можат да постигнат нивните ќерки, а особено и е важно да биде „инспирација за девојчињата и децата кои се обесправени во Алжир“
Иако талентирана боксерка олимпијка, Хaлиф спаѓа во просечните спортистки со просечни успеси. Тврдењата дека таа има некаква надмоќ над останатите боксерки се само лаги.
Во нејзината досегашна кариера има 43 победи и 9 порази. Од сите 43 победи само 6 се постигнати со нок-аут, а само за 4 од победите има освоено медал. Нејзините 3 злата и едно сребро се освоени во аматерските лиги.
Како професионална боксерка олимпијка за прв пат учествува на претходната олимпијада, 2020 година во Токио, каде не го поминува четврт финалето по поразот од Кели Харингтон од Ирска.
Нејзините успеси се многу далеку од најдобрите боксерки на светот, како Лејла Али, Ен Вулф, Кејти Тејлор, Клариса Шилдс и Лусиа Рајкер кои во своите кариери немаат загубено ниту една борба.
На годинешнава олимпијада, по сите напади и навреди кои ги доживеа и посакуваме само успеси и освојување медал.
Напиша: Илја Лин Гладкова