ФРАГМЕНТИ ОД БРИШАНАТА ТРАНС-ИСТОРИЈА: ИНСТИТУТОТ ЗА СЕКСУАЛНАНАУКА НА МАГНУС ХИРШФЕЛД

ФРАГМЕНТИ ОД БРИШАНАТА ТРАНС-ИСТОРИЈА: ИНСТИТУТОТ ЗА СЕКСУАЛНАНАУКА НА МАГНУС ХИРШФЕЛД

Маскенбал во Институтот за сексуална наука во Берлин. Магнус Хиршфелд (со очила) се држи за рака со својот партнер, Карл Гизе (во центарот).

Звучи невeројатно ако помислиме дека уште во 1919 година во Германија постоел институт кој се залагал за сексуaлни реформи кои инволвирале репродуктивни права и еднаквост за жените, хомосексуалците, интерполовите и трансродовите луѓе. Истовремено, таму биле изведени првите модерни хируршки третмани за медицинско приспособување на родот.

Станува збор за Институтот за сексуална наука основан од Магнус Хершфелд, кој кога не би паднал жртва на нацистичката идеологија, би бил стар цел еден век.


Една вечер, во предворјето на ординацијата во која Хиршфелд работел како млад доктор, дошол војник. Загрижен и вознемирен, војникот му кажал дека е Uring – збор што тогаш се употребувал за хомосексуалните мажи. Во тоа време било опасно да се зборува на овие теми, Параграф 175 во германскиот кривичен законик ја третирал хомосексуалноста како криминален акт, па мажите обвинети за хомосексуалност биле лишени од рангот, титулите, им била изрекувана затворска казна.

Хиршфелд, кој самиот бил геј и Евреин, ја разбирал неволјата на војникот и се обидел да го смири, но војникот веќе имал одлучено. Тоа било ноќта на неговата свадба, со која не можел да се соочи, и кратко време по посетата војникот се застрелал. Таа вечер војникот на Хиршфелд му ги оставил приватните записи меѓу кои и проштално писмо, во кое вели: „Мислата дека ти [Хиршфелд] можеш да придонесеш кон иднина во која германската татковина ќe нѐ третира праведно, го засладува часот на мојата смрт“. (Bauer, 2017)

По оваа трагедија, која ќе го прогонува целиот негов живот, Хиршфелд ја напушта работата како лекар за превентивна медицина и специјализира во областа на сексологијата, со што го започнува својот поход за правда со кој ќе испише важни страници во квир-историјата.

„Преку наука до правда“

Хиршфелд се посветува на едукација на јавноста за темите поврзани со родот и сексуалноста и иницира кампања за повлекување на Параграф 175. Во 1897 го основа Научно-хуманитарниот комитет, чиј слоган е „Преку наука до правда“, преку кој отпочнува петиција за декриминализација на хомосексуалноста, за која ќе собере 6000 потписи, вклучувајќи ги и потписите на Томас и Хајнрих Ман, Алберт Ајнштајн, Рајнер Марија Рилке и Штефан Цвајг. Сепак, Параграфот 175 останува на сила дури до 1994 година

Во 1919 година Хиршфелд го основа Институтот за сексуална наука, во кој за време на неговото постоење (до 1933 година), ќе работат преку 40 специјалисти од различни области, а илјадници пациенти ќе бидат прегледувани и лекувани, често бесплатно.

Опишуван како „аголна зграда со крила од двете страни, архитектонски бисер“, институтот бил место „полно со живот“, кое ги „замаглува границите на интимните и професионалните простории“ (Wolff, 1986). Во институтот биле сместени главните канцеларии на Научно-хуманитарниот комитет и на Светската лига за сексуални реформи, а во него живеел и Хиршфелд со неговиот партнер Карл Гизе, како и дел од неговите пациенти кои биле отфрлени од општеството поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Целта на институтот била да понуди место за истражување, поучување, лекување и засолниште, се нуделе медицинска грижа, професионални обуки, можности за научни истражувања и сексуална едукација, а служел и како прибежиште и центар за луѓето кои денес ги нарекуваме со акронимот ЛГБТИК+. Нудел и разни други услуги за пошироката јавност, како третман за алкохолизам, гинеколошки прегледи, брачно и сексуално советување, третман за венерични болести и пристап до контрацептиви. Освен просториите наменети за советување и лекување, во институтот имало голема библиотека, музеј, простории за феминистички активизам и хали за предавања – според Хиршфелд, само во првата година се одржале околу 1250 предавања.Институтот за сексуална наука бил првата институција од ваков карактер, а со напредното разбирање на трансродовоста и развивањето на првите модерни третмани за медицинско приспособување на родот, институтот привлекол глобално внимание.

Во склад со природата

За време на своите студии, на часовите за сексуална девијација, Хиршфелд бил згрозен кога неговите професори натерале маж кој бил осуден на казна од 30 години затвор за хомосексуалност, да парадира гол пред студентите како да е лабораториско животно. Спротивно на тогашниот третман на хомосексуалноста и трансродовоста како патологија, Хиршфелд верувал дека различните сексуалности и родови идентитети се природна појава и дека овој третман е неправеден.

Со оглед на тоа што трансродовоста во некои земји од светот (меѓу кои е и нашата) сѐ уште е на листата на ментални болести, сфаќањата на Хиршфелд за полот, родот и сексуалноста се чинат напредни и за денешно време.

Хиршфелд е еден од првите теоретичари кои зборувале за родовоста надвор од бинарната опозиција машко–женско, кој ја признавал бисексуалноста, ја поддржувал идејата за „трет пол“ како категорија која постои во природата и разграничувал дека родовиот идентитет и сексуалноста се разликуваат и не се нужно поврзани.

Зборувајќи за својот пациент војник, кој му објаснил дека носел женска облека за да може да се чувствува како човек барем за момент, Хиршфелд пишува дека ова однесување не е против, туку во склад со неговата природа. За луѓето чии род и пол не биле во склад, Хиршфелд ќе го измисли зборот „травестит“ – кој денес не се употребува и е заменет со трансродов.

Тогашните закони за крос-дресинг (носење облека наменета за спротивниот пол) биле строги, па праксата која им овозможувала на трансродовоте луѓе да се чувствуваат како луѓе барем за момент била казнувана. Хиршфелд на своите пациенти им обезбедувал документ наречен Transvestitenschein, а работел и на едукација на полицијата. Благодарение на неговите залагања, шефот на полицијата во Берлин изрекол дозвола луѓето што имале ваков документ, да се oблекуваат и да се однесуваат во склад со својот родов идентитет во јавните простори и да бидат заштитени од казни за криминалното дело егзибиционизам.

„Трансвест” сертификат за Герд Катер издаден од берлинската полиција во 1928 година и заверен од Кривичниот комесар.

Како дел од поддршката за трансродовите луѓе, која Хиршфелд ја нудел во соработка со гинекологот Лудвиг Леви-Ленц и хирургот Ервин Горбанд е изведена првата генитална операција наречена Genitalumwandlung – во буквален превод „трансформација на гениталии“, која вклучувала кастрација, пенактомија и вагинопластика, а биле препишувани и хормонски терапии. Сепак, и по транзитирањето трансродовите луѓе биле отфрлани од општеството, па Хиршфелд им обезбедувал работа во институтот.

„Каде што горат книги, на крајот ќе горат и луѓе“

На 6 мај 1933, војници од Хитлеровата младина го окупирале Институтот за сексуална наука, носејќи ја бронзената биста на Хиршфелд и сите негови книги надвор на улиците. На 10 мај, наредени како кула, книгите биле спалени во голем оган на плоштадот „Бабелплац“ во Берлин. Сите дела од непроценливо значење за транс-историјата биле засекогаш изгубени. Хиршфелд, кој побегнал во Париз, на вестите кои се прикажувале во кината гледал како неговите книги горат.

Освен книгите од библиотеката на Институтот за сексуална наука, во нацистичките спалувања се запалени околу 20 000 други книги, меѓу кои и „Алмансор“ на Хајнрих Хајне, кој вели „Онаму каде што горат книги, на крајот ќе горат и луѓе.“

Германски студенти и нацистичката СА ја ограбуваат библиотеката на д-р Магнус Хиршфелд, директор на Институтот за сексуални истражувања во Берлин

Нападите од страна на нацистите врз Институтот за сексуална наука, како и врз самиот Хиршфелд, почнуваат при самото негово оформување. Нацистичката партија се оформува истата година кога е основан институтот, a Хиршфелд како Евреин и геј кој ги поддржувал репродуктивните права и феминизмот, бил мета на нацистичките платформи за традиционални родови улоги, задолжително мајчинство и елиминација на Евреите.

Поддршката на автономијата за жените и еднаквоста за сексуалните малцинства била означена како еврејска или нарекувана културолошки марксизам (термин што сè уште се употребува како синоним за еврејски). Хиршфелд бил карикатуриран во вирулентното пропагандно нацистичко списание Der Stürmer и вклучен во антисемитистички постер како пример за поддржувач на опозицијата. Самиот Хитлер го нарекувал Хиршфелд „еврејска свиња“, а поддржувачите на нацизмот редовно го измачувале и малтретирале.

Нацистичкиот идеал се засновал на белата, цис-хетеронормативна машкост, претставена како генетска супериорност, а секој што не се вклопувал во овие норми се сметал за развратен, неморален и достоен за истребување. Адолф Хитлер е именуван за канцелар на 30 јануари 1933 година, по што веднаш донел политики за ослободување на Германија од Lebensunwertes Leben – „животи недостојни за живот“. Она што било претставено како проект за заштита на германската младина и одгледување здрави семејства набрзо прераснало во механизам за геноцид. Според новите драконски закони, околу 50 000 ЛГБТИК+ луѓе биле приведени, затворени и измачувани, а околу 15 000 депортирани во концентрациони логори, каде што биле означувани со розов триаголник и подложени на кастрација и медицински експерименти. Повеќе од половина загинале поради екстремните услови во логорите.

Порака од минатото

Нецел век од уништувањето на Институтот за сексуална наука, чадот од минатото сè уште не изветреал, а огнот на омразата повторно се разгорува.

Ехото на нацистичкиот проект „за заштита на германската младина и одгледување здрави семејства“, денес допира до нашите уши преку антиродовите групи и нивниот поход за „одбрана на традиционалните вредности, семејството и децата“.

Во овие времиња кои сè повеќе наликуваат на минатото, историјата на Институтот за сексуална наука нека биде предупредување дека иднината не секогаш носи напредок. Но и порака за оние кои се на пат да уништуваат – покрај изгорените книги, измачувањето и геноцидот – луѓето што нацистите сакаа да ги избришат, никогаш не престанаа да постојат.

Напиша: Каи Гладкова

Користена Литература:

  • Queer Identities and Politics in Germany, A HISTORY 1880–1945, Clayton J. Whisnant -2016
  • The Forgotten History of the World’s First Trans Clinic, Scientific American, Brandy Schillace – 2021
  • 6 May 1933: Looting Of The Institute Of Sexology, Holocaust Memorial Day Trust
  • Magnus Hirschfeld, United States Holocaust Memorial Museum, Holocaust encyclopedia
  • The Hirschfeld Archives: Violence, Death, and Modern Queer Culture, Heike Bauer – 2017
  • Magnus Hirschfeld, A Portrait of a Pioneer in Sexology, Charlotte Wolff – 1986