Интервју со Ида Марковиќ. Разговорот го води Каи Гладкова, а е преведен на македонски јазик од Ивана Драгшиќ.
Ида Марковиќ е магистрирана психологинка, лиценцирана гешталт-терапевтка и докторантка на Факултетот за медиуми и комуникации на отсекот за Трансдисциплинарна хуманистика и теорија на уметноста и медиумите. Денес работи во семејното советувалиште во Здравствениот дом во Бар, Црна Гора.
Своето мултидисциплинарно знаење Ида го применува и во бројните проекти и работилници посветени на младите луѓе и нивните потреби, како и кон подигнување на јавната свест за значењето на менталното здравје.
Во оваа пригода Каи Гладкова зборува со Ида за нејзиното искуство како трансродова личност и психолог, за важноста на родовиот идентитет, влијанието на општеството и блиските врз менталното здравје на трансродовите луѓе и односот на психологијата кон трансродовоста.
Разговорот е преведен на македонски јазик од Ивана Драгшиќ.
Како влијаеше фактот што си трансродово лице на твојот пристап во терапијата и советувањето?
Трансродовоста ми помогна подобро да ги видам и полесно да ги прифатам луѓето, да размислувам вон бинарната рамка, но и да сфатам колку дијагнозите ограничуваат и врамуваат.
Со кои предизвици се соочуваш како трансродова психологинка?
Долго време работев како психологинка која сама себе се дефинира како родово флуидна личност и токму тоа беше периодот во кој на некој начин доживував најмногу непријатности.
Бидејќи работам во „државна фирма“ (Здравствен дом), се случувало некои клиенти да одбијат да работат со мене исклучиво поради мојот претпоставен родов идентитет, што е повторно, на некој начин добро, бидејќи ако на нашите клиенти не им е удобно со нас, тогаш тоа не е добро за нив.
Во јавноста се прочув по медиумскиот линч диктиран од соседната земја, во кој ме карактеризираа како дел од „американската агенда и опасност за децата и младите“, по што набрзо доживеав и физички напад од група млади на улица.
Сепак, трансродовоста и работата со транс-заедницата во суштина ми помогна да спознам какво богатство е да се биде транс-личност и како, всушност, ова искуство мене ме води кон уште поголемо разбирање и прифаќање на другите, но и на објективната суровост на општеството. Осознав дека моите клиенти, како и јас, можеме да бидеме доволно отпорни за да се сакаме себе и другите, без обѕир на тоа во какви услови и околности живееме. Во гешталт би рекле – љубов без обѕир на тоа во кое поле се наоѓаме.
Зошто е важен родовиот идентитет?
Постојат машки, женски и небинарен идентитет (кога индивидуата не чувствува припадност ни на машкиот ни на женскиот идентитет, или кога пројавува комбинација од двата). Родовиот идентитет е начин на кој општеството ја гледа личноста и е важен бидејќи на некој начин тој е темел и на нашето општествено и на личното јас. Не сметам дека родовиот идентитет е она што нѐ дефинира, но нѐ одредува на многу начини. Знаеме дека сме општествени битија и дека неопходно ни е да бидеме дел од него за да преживееме и да опстанеме како вид. Согласноста помеѓу родовиот и половиот идентитет носи хармонија, која е многу важна за личноста да може да ги освести и задоволи своите потреби и да го живее својот живот.
Како влијае општествената стигма врз менталното здравје на трансродовите лица?
Бидејќи работам и со поширокото мнозинство и со транс-заедницата, кај транс-луѓето забележувам поголем степен на општествена фобија, што не е чудно бидејќи живееме во трансфобично, мизогино и патријархално општество. Кога е во прашање транс-заедницата, морам да признам дека тоа е заедница која e секојдневно повредувана од целото општество.
Општествената стигма првенствено создава една непријателска клима кон оваа заедница, предизвикува страв кај луѓето да живеат слободно и да се вклучат во активностите и во општествениот живот. Ова неретко води до гетоизација на транс-луѓето или живот во четири ѕида, што секако се одразува на повисок степен на депресија и чувство на пониска вредност.
Следствено, многу транс-луѓе се присилени целосно да го кријат својот идентитет или да се однесуваат во интегритет со себе само пред малкумина. Какво влијание има ова врз нивното ментално здравје?
Кога и да зборуваме за репресијата и потиснувањето, мораме да зборуваме и за тоа како тие влијаат на менталната, но и на општествената состојба. Секој вид негација, потиснување и поместување води во поголем внатрешен, но и општествен конфликт. Нема здравје таму каде што сме принудени да ги негираме или криеме, или, со други зборови, да не ги живееме нашите идентитети. Храброст е другото име за менталното здравје на транс-заедницата, но стравот е она што постојано ја следи.
Зошто родителската и семејната поддршка се клучни за добробитта на трансродовите деца и адолесценти?
Поддршката од семејството е секогаш важна кога е во прашање ранлив период, како што се тинејџерскиот и периодот на адолесценција. Децата на таа возраст не се ниту деца ниту возрасни, потребна им е поддршката од родителите во станувањето она што сакаат да бидат, како и границите кои родителите ќе ги постават. Бидејќи, без обѕир на тоа што младите сакаат да ги прекршуваат границите и забраните, тие ним им се потребни за јасно да се одредат во односот кон возрасните, врсниците, но и кон самите себе.
Кога зборуваме за транс-деца, зборуваме за уште почувствителна група деца, за која е особено важна поддршката од родителите, бидејќи поддршката од општеството отсуствува и тие често се жртви на различни видови насилство. Всушност, родителската љубов е најважна, но сè додека имаме негирање, не можеме да зборуваме за љубов кон своето дете. Напротив, зборуваме за неуважување и забрана на неговото/нејзиното постоење, па со самото тоа и за несвесно поттикнување автодеструктивно однесување.
Кои клучни пораки или совети би ги споделила со родителите на трансродовите деца за подобро да го разберат и поддржат патот на своето дете?
Слушајте го вашето дете, прашувајте и зборувајте со него. Не носете заклучоци, не доведувајте ја до катастрофа својата и неговата судбина. На крајот, односот кој го имате со своето дете е она што останува, а не неговата боја на коса, стил или интереси. Сакајте го вашето дете и не можете да погрешите.
Каков совет би им дала на родителите кои можеби се мачат да го разберат или прифатат родовиот идентитет на своето дете?
Родителите прво треба да се едуцираат, па да сфатат дека нивното дете не е болно и не треба да се лечи или да се враќа на „правиот пат“. Родителите треба да разговараат и да слушаат, да ги поттикнуваат своите деца да им се отворат, а потоа заедно со нив да одат кон здраво растење, на децата, но и на нив самите. Важно е да сфатат дека не го губат своето дете, туку го запознаваат, а со прифаќањето му го олеснуваат патот нему, а и самите себеси.
Во време кога стигмата и антитранс-пропагандата се најсилни, многу трансродови лица се соочуваат со проблеми. Многу од нив се малолетни или во пубертет и се мачат со родова дисфорија без каква било поддршка. Која е твојата порака за нив?
Пораката ми е дека без разлика на тоа што велат за нив, важно е да останат во контакт со самите себе, да побараат и второ мислење, поинаков став. Да не бараат љубов кај оние кои не можат, ниту сакаат да им ја пружат, и да го чуваат своето ментално здравје, никаде да не брзаат бидејќи сѐ ќе постигнат во свое време. Исто така, сакам да им порачам дека секогаш можат да побараат поддршка од заедницата, организациите кои се занимаваат со ТИРВ лицата, какво што е здружението „Спектра“ во Црна Гора, и, секако, да бараат психолошка помош бидејќи таа им е сигурно потребна во вакво тешко време за одржување каква било индивидуалност.
На кој начин самата ти се справуваш со непријателската општествена клима?
Се опкружив со луѓе кои ме сакаат и прифаќаат, продолжив со индивидуална психотерапија и не се форсирав да се аутирам сѐ додека не бев подготвена за тоа. Се информирав за транс-прашања од доверливи места и сензибилизирани експерти. Се аутирав пред клиентите и видов дека сите останаа на терапија кај мене, што особено многу ми значеше, а и докажа дека односот кој се гради е позначаен од само еден аспект на нашиот идентитет. Бидејќи покрај тоа што сум транс, јас сум и многу други нешта. Да се биде транс не значи да се биде ограничен, туку да се има поголем предизвик во самоприфаќањето, но и прифаќањето на другите; објективната перцепција на реалноста и пружањето дозвола да се бориш за она што си и во кое веруваш.
Во минатото психологијата со години ги патологизираше трансродовите луѓе, па очекувано е дека оваа традиција сè уште влијае на начинот на кој општеството и експертите размислуваат за трансродовоста. Кои се најчестите предрасуди поврзани со родовиот идентитет меѓу твоите колеги?
Кога се во прашање одржливите предрасуди од психологијата, тука се секако теориите за женскиот и машкиот мозок, бинарно одржливите теории, но и некои крајно мизогини психоаналитички теории. Но она што го знаеме е дека теориите се подложни на промени, па феминистичките психоаналитичарки и теоретичарки ни донесоа нови увиди во перцепцијата на родот.
Влијанието на антиродовите наративи секако дека постои и во психолошките кругови. Во принцип, мислам дека главниот проблем е што во многу психолошки школи и воопшто програми, темата на сексуалноста е сѐ уште табу, па со самото тоа и прашањето на трансродовоста најчесто паушално се провлекува низ предметите поврзани со клиничка психологија, набљудувана низ дијагностички фактори. Верувам дека најголемиот проблем е неедуцираноста и несензибилизираноста на голем дел од психолошкиот кадар, како и континуираната слика за трансродовоста како патологија.
Важно е вклучувањето во активностите на транс-заедницата, едукација, но учење и од страна на клиентите и нивните семејства. Некои од моите колеги терминологијата цис, транс, хет ја учеа токму од мене и токму видливоста, соочувањето и работата со транс-луѓето е најдобар начин да го унапредат своето знаење, да го надминат сопствениот страв и да придонесат кон порамноправно и поздраво општество.
Која е важноста на афирмативниот јазик и терминологија во поддршката на трансродовите лица во психотерапијата и во секојдневниот живот?
Често сакам да го цитирам Лудвиг Витгенштајн и неговата реченица „Границите на мојот јазик се границите на мојот свет“, која всушност ни говори за тоа колку е важен јазикот и колку можеме да го разбереме само она што го артикулираме, и затоа е важно да се употребува родово афирмативен јазик, со кој секогаш оди и родово сензитивниот јазик. Кога е во прашање транс-заедницата, употребата на родово афирмативниот јазик е многу важна, бидејќи токму таа е првиот показател дека го уважуваме идентитетот на другата личност и дека го уважуваме тоа што таа е.
„Те гледам и те уважувам, дури и ако си ми далечен/далечна, дури и ако си поинаков/поинаква“. Тоа е многу важна одлука која не може да се донесе без афирмативен говор.
Текстот е објавен во Транзин – Магазин за историјата, идентитетите и искуствата на транс-луѓето, кој можете да го преземете тука.