ШТО НАУЧИВ ОД МОИТЕ ТРАНС, НЕБИНАРНИ И ФЛУИДНИ ДРУГАРИ

ШТО НАУЧИВ ОД МОИТЕ ТРАНС, НЕБИНАРНИ И ФЛУИДНИ ДРУГАРИ

Да се пишува и да се мисли за трансродовите луѓе, денес, е невозможно надвор од едно „нас“ во кое сме сега сместени и останатите. Во време кога речиси сите центри на моќ се мобилизирани за да се ускрати можност да постои една група, заедништвото на сите „изгонети“ од „чуварите на нормалноста“ е неминовно. Да се биде заедно, да се чувствува таа припадност во едно широко избрано семејство на фрикови истовремено е и судбина и избор. Во секој случај, убава и среќна судбина и избор. Да можев да бирам, повторно ќе ги изберев овие луѓе со кои делам светови, делам загриженост и став, ама и многу среќа и смеа. Па така, во оваа можност решив да не пишувам за мразачите и насилниците, за антиродовите активисти и квазиверниците, туку за нас. Овој избор доаѓа поради еден едноставен факт – колку повеќе нè мразат и нè напаѓаат, толку повеќе се збиваме, солидаризираме и активираме. Со други зборови, понекогаш од хејтерите можете да направите корисни будали и тоа да го искористите. Во оваа пригода им благодарам што покрај сите маки, успеаја да нè направат посилни, погласни и поорганизирани од кога било порано. Токму во тоа заедничарење со транс-, флуидните и небинарните луѓе и јас успеав да пораснам емоционално, но и социјално. Па ете, нека овој текст биде за тоа што научив од вас.

Од моите транс-, небинарни и флуидни другари научив дека треба да престанам да се сфаќам пресериозно. Да се биде изложен на стигма и исмевање, искуства кои ги одбележуваат животите на овие луѓе, е пеколно искуство кое понекогаш може и да ве направи посилен. Силата што ја почувствував кај транс-луѓето со кои редовно комуницирам доаѓа токму од можноста овие искуства да се надминат така што ќе се прифатат како неминовен дел од нечиј живот и ќе се трансформираат во една позиција на прекрасен „одрон“. Јас се плашам да згрешам пред јавност, помислата на грешка и неуспех кои водат кон јавен срам е мојот кошмар. Мојата најдобра пријателка, која е транс-девојка, во една таква ситуација ми рече: „премногу сериозно се доживуваш, олабави се, светот не се врти околу тебе. Види ме мене, 2 метри висока, со штикли 2 броја помали, перика и шминка, крената глава и zero fucks за сите кои ме одминуваат и зјапаат. Животот е толку непредвидлив што нема ништо сериозно во него освен да се дише и да се чекори.“ Да се издише од ваков товар, особено за една жена, е еднакво на ослободување.

Од моите транс-, небинарни и флуидни другари научив дека другарството и лојалноста, особено меѓу слабите, може да замени цел еден систем од институции и услуги. Кога сте надвор од системот, како што се овие луѓе, тогаш можноста да се преживее зависи од неформални мрежи, пријателски кругови и социјални простори кои се градени не исклучиво врз основа на идентитетот, туку на ранливоста. Да се преживее како транс-лице во Македонија е возможно само преку лојалност и посветеност, грижа и споделување кое е неусловено. Без разлика дали си одговараме како пријатели, дали сме се озборувале или расправале, кога некој е ранлив и има проблем, тука сме сите за поддршка. Или, што би рекол еден мој транс-пријател, „кога некој има мака, каков и да е, тој е еден од нас и ние сме тука за него.“ Лојалноста како вредност, ама и дисциплина, секој ден ја учам од овие луѓе и тоа ме прави побезбедна и посмирена во тешките времиња.

Од моите транс-, небинарни и флуидни другари научив како да се шминкам, како да не се шминкам, како да се дотерувам, како да не се дотерувам, како да ставам трепки, како да се депилирам, како да не се депилирам, како да вежбам, како да јадам за сите пари. Со други зборови, научив да го сакам своето тело какво и да е, да го украсувам како сакам, ако сакам и колку сакам. Како жена, оваа лекција ми беше можеби најтешка, ама и најпотребна.

Спротивно на будалаштините споделени по разни трибини и настапи на антиродовите активисти, мојот живот се збогати и подобри откако живеам и учам од вас. Јас и останатите цисродови жени околу мене, со вас се чувствуваме безбедно, среќно и исполнето. Моето дете растело со моите транс-другарки, поминало многу пикници во парк, прошетки на Водно, летувања по охридски плажи. Ние точно знаеме од кого треба да се плашиме, а со кого да градиме светови и животи. Ви благодарам што постоите и што сте дел од нашите животи.

Пишува: Ирена Цветковиќ

Текстот е објавен во Транзин – Магазин за историјата, идентитетите и искуствата на транс-луѓето, кој можете да го преземете тука.