20 Ноември – Меѓународен ден на сеќавање на трансродовите лица жртви на трансфобија

20 Ноември – Меѓународен ден на сеќавање на трансродовите лица жртви на трансфобија

Денес се сеќаваме на трансродовите луѓе чии животи беа одземени како последица на трансфобија и омраза. Сеќавањето не се сведува само на набројување на жртвите. Тоа подразбира и препознавање на општествените и политичките околности во кои насилството врз трансродовите луѓе станува возможно.

Според најновиот извештај на TGEU, во периодот од октомври 2025 до септември 2026 година, ширум светот се регистрирани 273 убиства на трансродови и родово разновидни лица. Тоа значи дека, во просек, на секои 32 часа е убиено едно лице. Дури 95% од жртвите биле транс жени и трансфеминини лица.

И Македонија не е безбедна од оваа реалност. Трансродовите луѓе сè повеќе се соочуваат со стигматизација, дискриминација, јавни понижувања и институционални пречки. Особено загрижувачка е штетата што ја предизвикуваат антиродовите актер(к)и, кои создадоа средина во која самото постоење на трансродовите лица се смета за непријателско.

Во момент кога Македонија се соочува со застрашувачки број фемициди и комплетно демонизирање на феминизмот, станува уште поважно да ги препознаеме оние што ја нормализираат контролата и насилството врз луѓето поради нивниот род и родов идентитет. Патријархалните структури ги загрозуваат и жените и трансродовите луѓе, на различни, но меѓусебно поврзани начини.

Не треба да зборуваме само за жртвите, туку и за одговорноста на институциите и политичарите. Насилството никогаш не започнува со последниот чин, туку многу порано, преку говорот на омраза, пропагандата, дехуманизацијата, дискриминацијата и молкот на сите што имаат моќ да реагираат.

Се сеќаваме на трансродовите луѓе чии животи беа одземени и инсистираме на правото на оние што се живи да постојат и да живеат како и сите други, без потреба да го оправдуваат сопственото постоење.

„Проектот „We Are Here“, имплементиран од ТрансФормА, се реализира во рамките на проектот FIER·ES, координиран од ERIM и спроведуван во соработка со ERA, со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (AFD).“

„Овој материјал е изработен со поддршка на Француската агенција за развој (AFD). Идеите и мислењата изразени во него се на авторите и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на Француската агенција за развој (AFD).“