Пишува: Илја Лин Гладкова
Денес, 20ти ноември, е Меѓународен ден на сеќавање на трансродовите луѓе. Време да оддадеме почит на сите трансродови и небинарни луѓе чии животи се одземени поради анти-транс насилство предизвикано од трансфобија и говор на омраза. Но и поттик за борба против насилството врз трансродовите луѓе.
Денот на сеќавање на трансродовите луѓе за прв пат е одржан на 28 ноември 1999, во САД, од транс активистките Гвендолин Ен Смит и Пени Еш Мац, една година по грозоморното убиство на Рита Хестер, црна транс-жена чиј убиец никогаш не е пронајден и изведен пред правдата.
ЗАСТРАШУВАЧКИ РАСТ НА АНТИ–ТРАНС НАСИЛСТВО
Бројот на убиствата на трансродовите луѓе останува алармантно висок, додека движењата против човекови права и трансфобните агенди земаат замав ширум светот, често поддржани и легитимирани и од политичките структури на власт. Се повеќе сведочиме промени и носење на закони кои наместо да штитат, отворено поддржуваат и поттикнуваат дискриминација и насилство, додека веќе постоечките закони, политики и конвенции не се доволни да го спречат анти-транс насилството.
Иако статистиката на FBI, во САД за 2023 година покажува константно опаѓање на насилството генерално, насилството од омраза е на рекордно високо ниво, особено насилството кон ЛГБТИК+ луѓето. Во 2023 година, 547 луѓе биле жртви на насилство поради нивниот родов идентитет, 16% повеќе од минатата година.
Зголемување се забележува и во бројот на убиства мотивирани од трансфобија и анти-транс пропаганда. Според проектот за Мониторинг на убиства на транс луѓе (ТММ), од октомври 2023 до септември 2024 свирепо се убиени најмалку 350.
Доколку кон оваа бројка ги вклучиме и животите згаснати поради дискриминација и насилство во здравствените системи, како и самоубиствата поттикнати од секојдневната тортура која ја трпат огромен број трансродови луѓе, бројката на жртви достигнува 426 – повеќе од еден згаснат живот секој ден.
Ова е еден од трите највисоки стапки на убиства забележани од почетокот на ТММ проектот во 2008 година. Додека вкупниот број на убиства на трансродови луѓе од 2008 до денес надминува 5000.
Мора да се има во предвид дека овие бројки се само мал дел од вистинската слика, која за жал е невозможно да се процени и одреди точно. Голем број од случаите остануват непријавени и недокументирани, поради погрешно идентификуван родов идентитат на жртвите од полицијата, како и поради слабиот интерес на медиумите.
А не смее да се заборави и дека ова не се само бројки, ова се реални луѓе – пријатели, роднини, партнери, сопружници, родители, деца. Секој од овие 5000 луѓе имале богати и исполнети животи.
КОИ СЕ ЖРТВИТЕ НА ТРАНСФОБИЈАТА
Во согласност со претходните години, 94% од пријавените убиства се фемициди, односно жртвите биле транс жени или трансфемини лица. Ова е очекуван исход – говорот на омраза како и анти-родовата пропаганда на омраза е речиси целосно насочена кон транс-жените.
Од жртвите за кои е позната професијата дури 46% биле сексуални работници/чки. Иако, процентот е на најниско ниво од почетокот на мониторингот, сексуалните работници/чки сепак остануваат главна мета на убиство од омраза. Многу трансродови луѓе се приморани да ја работат оваа професија, бидејќи најголем број од работодавачите во сите останати професии одбиваат да вработат трансродова личност поради трансфобија.
Над 90% од жртвите биле луѓе со црна и кафена кожа.
Сите овие податоци укажуваат на загрижувачки тренд кога станувa збор за интерсекционалноста (пресекот) на мизогинија, расизам, ксенофобија и whorefobia (страв, гадење и омраза кон сексуалните работници/чки) како испреплетени фактори кои ја хранат трансфобијата и анти-транс насилството.
Една третина од жртвите биле на возраст од 31 до 40 години, а една четвртина на возраст од 19 до 25 години. Речиси 6%, или 15 од убиените се млади луѓе под 18 години, деца чиј живот бил свирепо одземен на самиот почеток.
Речиси три четвртини од сите пријавени убиства се случиле во Латинска Америка и Карибите, додека Бразил е на врвот во листата, со 30% од вкупниот број случаи. Во Африка се регистрирани 9 случаи, двојно повеќе од рекордниот број во 2012.
Бројот на случаи во Европа оваа година е преполовен во споредба со минатата година, додека случаите во Соединетите Американски Држави се во пораст.
ТРАНСФОБИЈАТА ДОМА
Во нашата земја нема забележан случај на убиство на трансродова личност, нема ниту регистриран случај на смрт поради дискриминација и насилство во здравствениот систем, ниту пак постои запис за самоубиство на транс личност како резултат на секојдневна тортура од семејството и околината. Но ова ниту е доказ дека вакви случаи не постојат, ниту пак некаква причина за пофалба.
Според извештајот за толеранција и вредности на граѓаните од 2022, над 80% од од граѓаните ниту го толерираат ниту го поддржуваат постоењето на ЛГБТИ+ луѓето.
Особено се на удар младите ЛГБТИК+ луѓе во образовниот систем за што сведочат и податоците од истражувањата споделени на јавниот форум за еднаквост во образованието. Според овие податоци, од испитаниците кои посетувале образовни институции, над 90% пријавиле случаи нанасилство и дискриминација. Најчести извршители на насилство, 43% се соучениците, а зад нив како насилници, со застапеност од 19%, следат оние кои би требало да ги заштитат учениците – наставниот кадар.
Згора на сето ова актуелната министерка за образование Весна Јаневска, под влијание на анти-родовите групи, ги отстранува категориите род, родов идентитет и сексуална ориентација од членот за заштита од дискриминација во законот за основно образование. Со ова се оневозможува да се препознае и спречи и онака превалентното насилство врз најранливите – трансродовите ученици.
Кога анти-родовите и анти-демократските движења стануваат се погласни и поагресивни, а нивното влијание почнува да навлегува и во државните институции и органи на власт, трансфобијата станува доминантната идеологија помеѓу народот. Во време на поларизација од витално значење е да бидеме солидарни и да се грижиме едни за други, грижата за трансродовите луѓе е грижа за сите.