31 Март – Ден на видливост на трансродовите лица

31 Март – Ден на видливост на трансродовите лица

31ви март се одбележува како Меѓународен ден на видливост на трансродовите лица (Trans Day of Visibility – TDOV), ден посветен на одбележување на постоењето, достоинството и придонесите на трансродовите луѓе ширум светот. Овој ден беше инициран во 2009 година од транс активистката Рејчел Крендал Крокер, како одговор на недостатокот на видливост и препознавање на транс луѓето, со цел да се создаде простор кој не е фокусиран само на загубите, туку и на животите и реалностите на транс заедницата.

Видливоста не е само симболична – таа е политички чин. Да се биде видлив/а во општество кое често негира, игнорира или напаѓа транс животи, значи да се бара признавање, безбедност и еднаквост.

И кај нас, транс заедницата веќе повеќе од една деценија се бори за основни човекови права, вклучувајќи правно признавање на родот, пристап до здравствена заштита и заштита од дискриминација и насилство. Сепак, институциите сè уште не ги почитуваат во целост правата на трансродовите лица. И покрај пресудата на Европскиот суд за човекови права, државата веќе повеќе од 7 години нема воспоставено јасна, достапна и достоинствена процедура за правно признавање на родот.

Во исто време, транс луѓето се дел од ова општество и секојдневно придонесуваат во различни области од уметност и култура, до активизам, образование, грижа, заедница и социјални промени. Нашето постоење не е само борба – тоа е и создавање, поддршка и придонес.

Како дел од оваа борба и видливост, во изминатите години беа организирани 6 Марша за видливост на трансродовите лица, кои претставуваат клучни моменти на колективно излегување во јавниот простор, барање права и градење солидарност.

VDzambaski

Сепак, видливоста не започнува и не завршува со еден ден или еден марш. Таа се гради секојдневно – преку заедничка грижа, поддршка, застапување и создавање безбедни простори.

Денес, на 31 март, ја одбележуваме транс видливоста и потсетуваме дека ние сме дел од ова општество.