По повод 17 мај – Меѓународниот ден против хомофобија, бифобија и трансфобија, ILGA-Europe ја објави Rainbow Map 2026 која ги оценува состојбите со ЛГБТИ+ човековите права во Европа.
Во последните пет години, Република Северна Македонија речиси и да нема значителен напредок. Државата континуирано се движи околу 30-то место од вкупно 49 држави, со резултат кој останува околу 27–31%. Во меѓувреме, дел од државите од регионот, како Словенија (18 место), Црна Гора (20 место), Хрватска (21 место), Босна и Херцеговина (25 место) и Србија (28 место), се рангирани повисоко од Северна Македонија, која се наоѓа на 33 место.


Архива: Ilga Europe
Иако на хартија постојат одредени механизми за заштита од дискриминација, реалноста за трансродовите лица и понатаму е исполнета со институционални бариери, правна несигурност и секојдневна изложеност на говор на омраза, дискриминација и стигма.
За многумина ова се само проценти и рангирања. За нас, ова се реални животи. Ова се луѓе кои секојдневно стравуваат дали ќе бидат навредувани или нападнати на улица, дали ќе добијат соодветна здравствена грижа, дали институциите ќе ги препознаат и дали воопшто ќе можат достоинствено да живеат како тоа што се.

Архива: Ilga Europe
Особено загрижува фактот што Република Северна Македонија сè уште нема функционален систем за правно признавање на родот базиран на самоопределување. И покрај пресудата „Х. против Република Македонија“, донесена од страна на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во 2019 година, со која државата беше задолжена да воспостави јасна, достапна и брза процедура за правно признавање на родот, до денес нема суштински напредок во тој процес.
Иако во 2023 година предлог-закон за правно признавање на родот по трет пат беше поднесен од страна на седум пратенички, истиот никогаш не беше ставен на дневен ред за усвојување. Ова дополнително укажува на недостаток на политичка волја и институционална посветеност
за решавање на ова прашање, оставајќи ги транс луѓето без правна сигурност, достоинство и еднаков пристап до основните човекови права.
Во изминатите години сведочевме и на зголемен говор на омраза кон транс заедницата, дезинформации во медиумите и на социјалните мрежи, институционално молчење, недостаток на соодветна здравствена и психолошка поддршка, како и континуирана маргинализација и невидливост на транс луѓето во јавните политики.
И покрај тоа, транс заедницата во Република Северна Македонија не престана да се организира, да се поддржува и да се бори. Во последните пет години беа организирани маршеви, обуки, јубилеен 10-ти Транспозиум (регионален настан за транс заедницата на Балканот), групи за поддршка, бесплатна правна и психолошка помош, како и бројни иницијативи предводени од самата заедница.
Оваа Rainbow Map не е само рангирање. Таа е потсетник дека транс луѓето во Северна Македонија сè уште немаат еднаков пристап до достоинство, безбедност и основни човекови права.