ТРАНЗИН #2 е простор за промислување на транс историјата, сегашноста и можните транс иднини. Вториот број на магазинот обединува десетици автори, соговорници и перспективи кои низ есеи, интервјуа, уметнички прилози и лични сведоштва отвораат прашања за транс животите, искуствата, политиките и заедниците.
Во ова издание учествуваат Илја Гладкова, Биљана Гинова, Еспи Томичиќ, Игор Раиден, Данте Редгрејв, Наташа Бошкова, Лила Милиќ, Љубомир Фаизов, Жана Дарк, Инес Црвенковска-Ристеска, Лазарус, Душица Лазова, Абора Шон, Јован Јосифовски, Христијан Нашуловски, Лео Поповиќ, Благица Петрова, Машина Тина, Матеј Крстевски, Стефан Богески и Суфрина.

Корицата на ТРАНЗИН #2 е авторско дело на Јован Јосифовски, изработена со техника рапидограф и жолт маркер. Во нејзиниот центар е претставена транс жена во низок старт, подготвена за спринт. Цртежот поаѓа од добро познатата опсесија на екстремната десница со присуството на транс луѓето во спортот, но брзо ја напушта спортската арена и ја пренесува сцената на распадната градска улица – метафора за општеството што од транс луѓето постојано бара оправдување за нивното постоење.
Во позадина се црквата и државата како институции што произведуваат страв, контрола и дисциплинирање на различноста. Но, наместо да ја нагласи ранливоста, цртежот зборува за големината на транс луѓето. Фигурата на жената доминира над градскиот пејзаж, ја надминува монументалноста на институциите и станува невозможно да биде игнорирана. Пиштолот поставен пред неа е потсетник на постојаните закани што ги обликуваат транс животите, но истовремено го отвора прашањето за отпорот, моќта и правдата.

ТРАНЗИН #2 го уредија Мања Величковска и Јован Јосифовски. Цртежот на корицата е дело на Јован Јосифовски, а визуелниот идентитет на внатрешните страници го потпишува Кристина Атанасова – Крис.
Магазинот е подготвен од неформалната група ТрансФормА, со административна поддршка на Коалиција Маргини и финансиска поддршка од International Trans Fund.

Вториот број на ТРАНЗИН беше промовиран во Бар Љубов, во соработка со Skopje Pride, преку разговор со уредниците Мања Величковска и Јован Јосифовски, авторот Лео Поповиќ и модераторката Душица Лазова.
Настанот беше дел од проектот „Безбедни простори за сите: Надминување на јазовите во инклузијата на ЛГБТИК+“, имплементиран од Сигурна куќа / Safe House, подружница на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Проектот се реализира во рамките на регионалната иницијатива „Заедно за ЛГБТИК+ еднаквост“, финансиски поддржана од Европската Унија.